Украина: Примирје на истокот, конфликти во парламентот

01.09.2015 17:32

Националистите пред и опозицијата во парламентот укажуваат дека претседателот Порошенко ќе има тешкотии да добие широка поддршка за договорот од Минск и поголема самоуправа за побунетите региони Луганск и Доњецк...

Тешкото оружје стивна на истокот на Украина, според примирјето договорено за првиот училишен ден. Се вжештува во Киев, каде што уште двајца гардисти им подлегна на повредите по насилните протести. Националистите пред и опозицијата во парламентот укажуваат дека претседателот Порошенко ќе има тешкотии да добие широка поддршка за договорот од Минск и поголема самоуправа за побунетите региони Луганск и Доњецк.

„Ме загрижува вчерашното насилство во Киев. Ја покажува одлучноста на украинската влада и парламентот да го испочитуваат договорот од Минск, но се работи и за чувствителниот проблем на доделувањето специјален статус на дел од Украина“, изјави Доналд Туск, претседател на Европскиот совет.

Полицијата уапси 18 луѓе, меѓу кои и припадникот на екстремната националистичка партија Свобода кој ја фрли гранатата што ги уби тројцата гардисти во вчерашните нереди, откако среде толпата одекнаа неколку експлозии и димни бомби.