Комплетна реконструкција на инфективното одделение во Велешката болница
Покрај инфективното одделение, министерот најави дека ќе биде извршена и помала реконструкција во други одделенија од болницата...

Со намалувањето на трошоците за набавка на лекови за болниците се заштедуваат околу 250 милиони денари, вели ресорниот министер Тодоров. Средствата ќе се наменат за реконструкција на инфективното одделение во Велес.
Министерството за здравство одлучи дел од заштедените средства да ги инвестира во комлетна реконструкција на Инфективното одделение во општата болница во Велес која што е повеќе од 30 години стара и со поплнет капацитет. Целиот простор на инфективното одделение има капацитет од 35 болнички кревети, а во случај на зголемен број на болни кога има зголемена појава на случаи со грип сместувачкиот капацитет се дополнува со уште 15 болнички кревети, рече Тодоров.
Минатата година на ова одделение биле сместени вкупно 843 пациенти, со 5.451 болнички денови, а во првата половина од 2015 година биле хоспитализирани вкупно 473 пациенти со 3.215 болнички денови.
Покрај инфективното одделение, министерот најави дека ќе биде извршена и помала реконструкција во други одделенија од болницата, кои не биле опфатени со претходната реконструкција. За реконструкцијата на болницата, Министерството почнало постапката за изработка на проект, по што болницата ќе објави тендер за изведба на градежните работи.