Јолевски – Шимоњак: Македонија треба што поскоро да биде дел од НАТО

02.09.2015 16:17

Полскиот министер Шимоњак истакнал дека Македонија е сериозен и докажан партнер на Алијансата и тоа во многу наврати. Министерот даде пофални зборови за учеството на припадниците на Армијата на Република Македонија во мисијата ИСАФ...

Македонија и Полска се две исклучително пријателски земји со развиена одбранбена соработка и искрена меѓусебна поддршка, заклучија министрите за одбрана на двете земји, Зоран Јолевски и Томаш Шимоњак на денешната средба во Варшава, соопштуваат од Министерството за одбрана

Ние сме благодарни што Република Полска недвосмислено ја поддржува Македонија на нејзиниот пат кон Алијансата и целосно го валоризира тоа што ние како држава сме го постигнале, истакна министерот Јолевски. Нашата меѓусебна соработка е на највисоко ниво. Континуираните средби со мојот драг колега, министерот Шимоњак се само еден пример за одличните одбранбени односи, рече министерот.

Полскиот министер Шимоњак истакнал дека Македонија е сериозен и докажан партнер на Алијансата и тоа во многу наврати. Министерот даде пофални зборови за учеството на припадниците на Армијата на Република Македонија во мисијата ИСАФ, како и во новата мисија „Одлична поддршка“ во Авганистан. Во однос на билатералната одбранбена соработка, министерот Шимоњак посочи дека таа треба да претставува пример за соработка помеѓу две пријателски и отворени земји.

Во рамките на денешната посета, министрите Јолевски и Шимоњак потпишаа и Меморандум за соработка, со што ќе се даде дополнително засилување на билатералната одбранбена соработка.

Македонија и Полска годишно соработуваат во голем број активности. Особено актуелна е соработката во областа на военото образование и учеството на питомци од Полска на интернационалниот Летен кампус во Република Македонија. Истовремено и контактите и соработката помеѓу Воената академија и Националниот одбранбен универзитет во Полска се зачестени и исклучително значајни за двете држави, а во план се и заеднички вежбовни активности.

Министерот Јолевски заедно со делегацијата, во рамките на денешната посета на Полска ќе присуствува и на 23. Егзибиција на одбранбената индустрија во Киелце.