Со заштеда од тендрот за лекови ќе се реновира болницата во Велес
Со првиот тендер се заштедени 6 милиони евра кои се наменија за зголемување на платите на лекарите. Со вториот тендер, касата остана побогата за 4,1 милион евра...

Централизираната набавка на болнички лекови, донесе голема заштеда на пари во здравството, информира министерот Тодоров. Со првиот тендер се заштедени 6 милиони евра кои се наменија за зголемување на платите на лекарите. Со вториот тендер, касата остана побогата за 4,1 милион евра.
„Универзитетска клиника за неврологија со заштеда над 75 милиони денари, Универзитетска клиника за детски болести околу 52 милиони денари, Универзитетска клиника ТОАРИЛУЦ со над 13.5 милиони денари, Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија над 8.6 милиони денари и Општа болница Прилеп со заштеда над 7.5 милиони денари“, истакна министерот за здравство, Никола Тодоров.
Најмногу заштеди има при набавката на лековите интерферон – околу 70 милиони денари. Веднаш зад нив следуваат антибиотиците.
Со заштедените пари целосно ќе се реновира инфективното одделение во велешката болница, а ќе бидат модернизирани и капацитетит кои не беа опфатени со претходното реновирање.
Освен тоа, ќе се реновира фасадата, ќе се заменат прозорците, а за прв пат ќе биде инсталиран и медицински гас кој ќе води директно до операциските сали. Лани на ова одделение биле сместени 843 пациенти, а во првата половина од 2015 година биле хоспитализирани вкупно 473. Болницата е стара 30 години и работи со полн капацитет.
Анита Димитријевска
