Охридското Езеро порибено со триста илјади единки ендемична пастрмка

02.09.2015 16:49

Денеска во Охридското Езеро беа пуштени триста илјади единки на рибен подмладок на охридска пастрмка. До крајот на годината од мрестилиштата на Хидробиолошкиот завод и Шум во езерските води ќе бидат пуштени уште околу еден милион рипчиња со што ќе се зголеми рибниот фонд на овој вид риба. Сепак за тоа ќе биде потребна и добра физичка заштита која од македонска страна се одвива на високо ниво, но засега тоа не функционира најдобро во албанскиот дел од езерото...

По давањето на Охридското Езеро под концесија полека се зголемува рибниот фонд на охридска пастрмка. Меѓутоа за поуспешни резултати сепак ќе биде потребна и безрезервна подршка од албанската страна, која иако во изминатите неколку години го најавуваше тоа,барем засега не го спроведува договореното.

„Охридското Езеро е заедничко, на Македонија и Албанија. Така што ние доколку ги преземеме сите мерки потребни за зачувување на охридската пастрмка која што знаеме дека е бренд, доколку и другата страна не ја врши истата работа практично ќе нема успех“, изјави Михаил Цветковминистер за земјоделство,шумарство и водостопанство.

До 2012-та година се поставуваа километарски мрежи од Радожда до Свети Наум, но со добра физичка заштита рибокрадството сега е сведено на минимум.

„Се надеваме дека со нашето не ловење на охридска пастрмка, со нашата физичка заштита на која се обрнува најмногу внимание и пред се со вакви успешни мрестови, сигурен сум дека во наредните години ќе го возобновиме дел од овој фонд“, вели Ристе Танасоски- концесионер.

Сите податоци говорат дека рибниот фонд на пастрмката се зголемува, а што е уште поважно се возобновуваат рибните плодишта.

Значи оваа година за далеку помал број на риболовни денови, со ист број на алат фативме многу повеќе единки кои што беа полово созреани и количината од 2.400.000 зрна икра ја собравме за релативно помал, односно за двојно помал период отколку минатата година“, изјави Зоран СпирковскиХидробиолошки Завод- Охрид.

Денеска во езерото беа пуштени 300 илјади единки рибен подмладок на пастрмка, а до крајот на годината во езерските води ќе запливаат уште околу еден милион рипчиња од овој ендемски вид.

 

Сашо Нелоски