Се инвестира во нови училишта во Шуто Оризари
Ново средно и доградба на две основни училишта во Шуто Оризари. Владата вложи 3 милиони евра за подобри услови на учениците од оваа општина. Децата ќе учат во современи училилници, ќе имаат фискултурна сала и библиотека. Оваа општина ќе добие и модерна инфраструктура. Надлежните велат дека инвестициите ќе го подигнат квалитетот на образованието на сите етнички заедници во земјава...

Ново средно и доградба на две основни училишта во скопско Шуто Оризари.. Жителите од единствената ромската општина на Балканот се задоволни што нивните деца ќе учат во современи училилници, со фискултурна сала и библиотека.
Владата вложи 3,1 милиони евра во изградбата на модерен објект во кој учениците ќе се образуваат во економска, правна, трговска, угостителска и здравствена струка. Премиерот Груевски го означи почетокот на работата на средното училиште кое го носи името на познатиот ромски лингвист Шаип Јусуф. Училиштето има капацитет за 450 ученици, со 12 училници и 11 кабинети.
„Годините кои се зад нас се години во кои ние како влада правевме се што можеме што поскоро да биде изградено ова училиште. Основната мисла водилка ни беше тоа што образованието е еден од клучните фактори за намалување на невработеноста и сиромаштијата во Шуто Оризари“, изјави премиерот Никола Груевски.
Не само во подобри услови за настава,оваа општина ќе добие и модерна инфраструктира. Се гради нова сала, водовод , а жителите веќе добија и ново споретско игралиште.
„За прв пат започнавме со целосно решавање на проблемот со водоснабдувањето во Шуто Оризари, кое целосно и сеопфатно ќе го решиме овој децениски проблем за граѓаните“, нагласи премиерот Груевски.
Министерот за образование потенцира дека е ова значаен чекор за подигнување на квалитетот на образованието на сите етнички заедници во земјава.
„Станува збор за првото средно училиште во општина Шуто Оризари. Изградбата на ова училиште во голема мерка ќе им помогне на средношколците кои живеат во овој дел на Скопје“, рече министерот за образование Абдилаќим Адеми.
Пратеникот Амди Бајрам вели дека изградбата била тешка, но силните заложби на институциите дале ефект.
Со доградбите во двете основни училишта, 830 ученици ќе добијат подобри услови. Ќе учат во 30 нови училници, за што се инвестирани над милион евра. Во овие училишта се образуваат покрај ромите и Македонци, Албанци и Бошњаци.
Игор Панов
