Случај „Прислушување“: Правниците велат- судот донел легитимна одлука
Легитимна и законита одлука – ова е ставот на дел од адвокатите за изземањето на аудиоснимките и транскриптите од предметот во случајот „Прислушување“. Според нив, вакви барања на одбрани и вакви одлуки не се реткост во судската практика. Законот за кривична постапка е дециден и не прифаќа импровизации, велат тие...

Судот во случајот „Прислушување“ има донесено легитимна и законита одлука со тоа што не ги прифатил како доказ поднесените материјали бидејќи тие се прибавени на незаконски начин- коментираат за МТВ дел од адвокатите по одлуката на Кривичниот суд. Според нив, ваквите одлуки не се реткост во судските постапки. Одбраната често го користи овој инструмент.
„Вчерашното прифаќање е сосема легитимно на законот, не навлегувајќи во другите сфери на овој правно- политички проблем. Тоа е доказ прибавен на незаконит начин, посебно од сферата на слободите и правата на човекот и не може да се применува во постапката“, вели адвокатот Димитар Дангов.
Адвокатите велат дека законот за кривична постапка е дециден и не прифаќа импровизации.
„Решението кое го донел судијата на претходна постапка е донесено од надлежен суд и судија, и е сосема законито, бидејќи тоа му го дава и член 93 од ЗКП“, нагласува адвокатот Љупчо Наумовски.
Правната фела коментира дека оние кои ги прибавиле материјалите немале одобрение ниту од обвинител, ниту од суд, ниту од било каков друг надлежен орган така што велат дека постапувале незаконски.
Европските и светските примери покажуваат дека и таму се предвидени истите одредби. Незаконски стекнати материјали не се дел од судска постапка ниту во САД ниту во држави- членки на европската унија како Ирска, Луксембург, Белгија, Холандија, Шпанија, Кипар, Грција, Италија, Малта, Португалија.
Миле Ристески
