На локалитетот Стоби се реставрира уште еден уникатен мозаик од раниот 6-ти век

03.09.2015 11:46

Мозаикот со вкупна површина од 82 метри квадратини е еден од најубавите мозаици откриени во Стоби, на кој во осум квадратни полиња се претставени зооморфни претстави комбинирани со геометриски мотиви...

Со поддршка од Министерството за култура, на археолошкиот локалитет Стоби во тек се конзерваторско-реставраторски работи на мозаикот од нартексот на Епископската базилика (базилика на епископ Филип), кој датира од раниот 6-ти век.

Мозаикот со вкупна површина од 82 метри квадратини е еден од најубавите мозаици откриени во Стоби, на кој во осум квадратни полиња се претставени зооморфни претстави комбинирани со геометриски мотиви, изведени со разнобојни камчиња. Проектот претставува продолжување на конзервацијата на мозаикот од нартексот на Епископската базилика, која започна со неговото отстранување од оригиналната позиција во 2012 година.

Во моментот се врши чистење, консолидирање и лиење на нова варова подлога на различните фрагменти, по што тие се фиксираат на носач од алуминиумско саќе. Со финализирање на работата, следната година, мозаикот ќе биде подготвен да се врати назад на оригиналната позиција во базиликата.

Во изминатиот период, на археолошкиот локалитет Стоби, во целост беше завршен и проектот за конзерваторско-реставраторски работи на мозаикот во Старата епископска базилика, кој е најголемиот досега познат поден мозаик во Македонија.