Мигранти: Хаос и турканици на железничката во Будимпешта
Додека земјите од Европа се обидуваат да најдат решение за илјадниците бегалци, нова трагедија во водите на Малезија. Потона брод со стотина мигранти од Индонезија. Властите соопштуваа дека досега се спасени тринаесетмина. Во потрагата учествуваат бродови и авиони. Унгарската полиција уапси двајца срби под сомнение дека учествувале во криумчарење на мигранти...

Хаос и турканици на меѓународната станица во Будимпешта, откако властите донесоа одлука повторно да ја отворат вратата за неколку илјади мигранти кои неколку дена се на плоштадот. Луѓето во паника влегуваат во возовите, некои се обидуваат да дојдат до место и преку прозорците.
„Овде сум веќе неколку дена... Сега ги добив потребните документи и се надевам дека конечно ќе стигнам до германија, каде ќе го продолжам образованието“, вели еден мигрант.
Сепак надежта дека ќе се стигне до посакуваната дестинација траеше кратко. Од безбедносни причини возовите нема да тргнат, информираа од управата на железничката станица.
Изморени и жедни, мигрантите меѓусебе се пресметуваат за да дојдат до храна која им ја донираат волонтерите.
Унгарската влада го стега обрачот. Зголемени се контролите на патиштата, полицијата во трка со илегалните мигранти. По вчерашниот инцидент, Француската државна железница најави дека ќе постави ограда бидејќи мигрантите честопати ги блокираат шините.
Премиерот Орбан кој во Брисел ќе разговара со европските лидери за бегалската криза, со став- никој нема да ја напушти земјата ако не биде регистриран.
Бројот на бегалци, што стигнале до Централна и Западна Европа преку Балканот, е шестпати поголем од јуни, изјави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Бегалската криза не е проблем на Балканот, бидејќи за бегалците тоа е само транзитна територија, смета Хан.
Претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск предупреди дека бегалската криза може да создаде јаз меѓу европските земји. Потпретедателката на бугарската влада пак, Меглена Кунева соопшти дека бугарската влада засега нема да воведе вонредни мерки за справување со бегалската криза, додека грчката влада очекува до 15-ти септември да добие помош од 30 милиони евра од европската унија за справување со мигрантите.
Марија Петковска
