Македонците најмногу користат лекови за смирување, срце и притисок
На листата меѓу десетте најчесто користени се и лековите за регулирање на шеќерот во крвта, како и намалувањето на маснотиите, покажува последната анализа на Фондот за здравствено осигурување...

Македонските граѓани најмногу користат лекови за смирување, за срце и за висок притисок. На листата меѓу десетте најчесто користени се и лековите за регулирање на шеќерот во крвта, како и намалувањето на маснотиите, покажува последната анализа на Фондот за здравствено осигурување.
Како што истакна денеска на прес-конференција директорот Сашо Стефаноски, поради ваквата состојба, покрај обезбедувањето доволна количина лекови, нивна достапност и рационално користење, приоритет на Фондот ќе биде и едукација на граѓаните преку работа со матичните лекари и другите надлежни за превентивно делување и навремено откривање на болестите што би требало да го намали користењето на лековите.
Според Стефаноски, со зголемувањето на буџетот за лековите од Позитивната листа, цените се намалија и се зголеми бројот на лековите достапни за граѓаните.
Годинава, според бројот на реализирани рецепти, искористеноста на лековите пораснала за 10,4 отсто, а исплатени се 7,9 проценти повеќе пари.
