Три компании добија виза за извоз во Русија
Млекарниците најавија дека со полн капацитет ќе излезат на рускиот пазар кој може да ги абсорбира вишоците, но и да овозможи долгорочно зголемување на вкупната продукција...

Сирењето и кашкавалот на „Здравје“, „Бучен Козјак“ и на „Балканска млекарница“ добија виза за извоз на огромниот руски пазар. На преостанатите 11 производители Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор им даде дополнителен рок од 60 дена да ги отстранат воочените недостатоци. Практично се отвора можност за извоз во сите 5 земји членки на Евроазиската царинска унија. Од Руската амбасада велат дека најмногу шанси имаат нашите сирења, кашкавали и вино. На потег се домашните производители.
„Сево ова ќе значи најнапред зголемување на бизнис-плановите на овие компании, ќе значи осовременување на нивното производство, ќе значи можеби окрупнување на сточниот фонд. И сето тоа ќе значи едно подигнување на целата таа гранка во однос на извозот“, вели Дејан Бешлиев- извршен директор на Македонско- руската стопанска комора.
Можност за експорт на атрактивниот руски пазар имаат сите домашни производители кои ќе добијат виза од федералната служба. Прва на потег е млечната индустрија.
„Тоа се земјоделските производи кои што се овдешни и автохтони и секако виното. Во моментов се актуелни млечните производи од тврдата програма, сирењата и кашкавалите“, изјави Кирил Бобров, советник во амбасадата на Руската федерација во РМ.
Млекарниците најавија дека со полн капацитет ќе излезат на рускиот пазар кој може да ги абсорбира вишоците, но и да овозможи долгорочно зголемување на вкупната продукција.
„Во делот на млечните производи ограничено е количеството на млеко, но долгорочно сточниот фонд би се зголемил. Тоа би значело зголемување не само на фондот, туку и на понудата на млеко“, смета Панделе Панделески, „Здравје Радово“.
Руската официјална статистика пресметала дека за шест месеци од оваа година биле извезени македонски земјоделски производи вредни 26 милиони долари, што е двојно повеќе во однос на ланските 13. Бројките охрабруваат, а единствен услов е да се нудат исклучиво квалитетни македонски производи со гаранција за нивната безбедност.
Свето Николовски
