Експерти: Европските судови би донеле иста одлука како Кривичниот во случајот „Прислушување“

03.09.2015 16:59

Ниту македонската легислатива, ниту светската практика дозволува користење на докази кои биле стекнати спротивно на законот- велат правниците. Тврдат дека и во европските земји постојат исти вакви закони како во Македонија, кои не дозволуваат незаконски стекнати материјали да се користат како доказ на суд...

Идентични се законодавствата во европските држави, САД и Mакедонија во однос на неприфаќање на незаконски прибавени докази во судска постапка – коментираат поранешниот врховен судија Павел Манев. Иста одлука, би донеле и европските судови како што тоа го стори Kривичниот суд во случајот со прислушуваните материјали. Манев е децидeн дека судот донел легитимна и законска одлука, а доколку доказите би биле прифатени во случјот прислушување тоа би било преседан.

„Ако тоа се дозволи тоа би довело до една анархична сосотојба во државата, секој би прибирал докази и би ги користел како што самиот сака, а не според правилата и прописите утврдени според законите и Уставот“, смета Манев.

Белгија, Шпанија, Португалија, Малта се дел од земјите кои имаат идентични законовства како и македонското во однос на незаконски прибавен материјал, како доказ во постапка. Во Шпанија органскиот закон пропишува дека „доказите прибавени директно или индиректно со повреда на фундаменталните слободи и права не можат да предизвикуваат правни ефекти“.

Уставот на Португалија предвидува дека доказите прибавени преку упад во приватниот живот особено преку следење на комуникациите, ќе се сметаат за ништовни.  Обелоденување на таков тип материјали се казнува со затвор до една година или 240 дневни глоби.

Во Ирска, пак, прибавувањето на докази за кое ќе се констатира дека било свесно и намерно направено на начин со кој се кршат уставните и законските гаранции за заштита на правото на приватен живот, неминовно ќе доведе до изземање на таквите докази, односно нивно прогласување за недопуштени во текот на кривична постапка.

И италјанското законодавство пропишува дека резултатите од прислушкување не можат да бидат користени доколку истите биле реализирани надвор од оние случаеви предвидени со законот.

Во секоја инстанца на постапката, судијата кој што ја поседува документацијата од прислушкувањата обезбедува таа да биде уништена.

 

Миле А. Ристески