Преку добра бизнис клима до нови работни места
Монетарците очекуваат да се зајакне иновативниот капацитет на економијата што ќе резултира со креирање на нови бизниси и работни места. Во извештајот стои дека ќе има напредок за младите и високо квалификувани кадри, што директно влијае на економскиот раст...

Монетарците позитивно ја оценија поддршката на Фондот за иновации. Очекуваат да се зајакне иновативниот капацитет на економијата што ќе резултира со креирање на нови бизниси и работни места. Во извештајот стои дека ќе има напредок за младите и високо квалификувани кадри, што директно влијае на економскиот раст. Фондот за иновации веќе е во подготовка за наредниот повик кој тежи 1,3 милиони евра, а до крајот на годината иноваторите ќе добијат уште половина милион евра.
„Фондот за иновации и за технолошки развој работи и ќе работи преку неколку програми. Сите тие поддржуваат иновациски проекти кои што меѓудругото, како еден од резултатите имаат зголемување на вработеноста. Значи секој од тие проекти предвидува ангаирање на дополнителен кадар. Искуството од првиот повик е дека поддржавме 16 проекти“, смета Љупка Митриновска, советник во одделението за спроведување на програми во Фондот за иновации и технолошки развој.
ММФ очекува нови 30.000 работни места да креираат и странските директни инвестиции во Македонија во следните две до три години. За бизнисмените ова значи позитивен импулс и за домашниот сектор. Од Сојузот на стопански комори велат дека работа ќе има за инвеститорите, но бенефит ќе имаат и приватните фирми кои ги опслужуваат големите компании.
„Странските инвестиции но секако и домашните инвестиции, односно домашните компании значително придонесуваат во намалување на невработеноста во земјата односно го зголемуваат вработуањето. Конкретно странките директни инвестиции директно вработуваат луѓе меѓутоа исто така има и индиректна корист односно бенефит, бидејќи е веќе евидентна синергијата, поврзувањето помеѓу странските инвеститори и домашните компании“, изјави извршниот директор на ССК, Митко Алексов.
Освен добрите услови за странските инвеститори, монетарците ги нотираа како позитивни мерките за олабавување на казнената политика и пристапот до евтини кредити од ЕИБ.
Од Меѓународниот монетарен фонд сметаат дека за мала и географски затворена економија како македонската, единствен начин за намалување на невработеноста е влезот на странски инвестиции. А добриот даночен систем, бизнис клима и потребните инвестиции во инфраструктурата, отворена врата за инвеститорите.
Минатата година Македонија имала највисок раст во регионот со стапка од 3,8 отсто пораст на БДП. За оваа година Фондот проектира раст од 3,2 отсто, што е близу до проектираниот раст од страна на Владата.
Дијана Ценевска
