Фудбал - Квалификации за ЕП Франција 2016

„Сивиот“ Луксембург, „порозова“ фудбалска реалност?

04.09.2015 15:24

Сакаме повеќе отколку што досега остваривме. Четвртото место е нашата нова цел, откако претходно поставувавме нереални репери. Но како се мери фудбалскиот успех?

Преполовена температура, облаци место сонце, типично сиво време во Луксембург сити. Амбиент како нашиот фудбалски. Сакаме повеќе отколку што досега остваривме. Четвртото место е нашата нова цел, откако претходно поставувавме нереални репери. Но како се мери фудбалскиот успех? Со бодови или со градење подобра игра, кога веќе не можеме да стигнеме до забележителен скок во поглед на пласманот во квалификациската група. Затоа во Луксембург потребна ни е победа. Како до неа?

„Да бидеме офанзивно добри, да ги користиме ситуациите. Играчите се знаат и во сите фази треба да бидеме поконкретни. Работевме и офанзивна транзиција, тука треба да бидеме силни. Сигурен сум дека ќе дадеме гол, а доколку не примиме, ќе победиме“, вели селекторот на македонската фудбалска репрезентација Љубинко Друловиќ.

Во Скопје дадовме гол повеќе од противникот. Манифестиравме за нас невообичаена ефикасност. Затоа победивме. Примивме два, но со таков ефект на „Жози Бартел“ сега ќе биде многу потешко, можеби невозможно.

Македонија не може да биде класичен фаворит. Кога се мериме со Луксембуржаните, ние чувствуваме дека треба да ги гледаме од повисоко. Но скопските 3-2 предупредуваат, а неколку факти илустрираат. Во квалификациите за европските првенства, црвено-жолтите имаат само четири триумфи. Сетете се кога сме победиле на гости. Ќе ни треба многу време. А ќе се сетиме и дека бевме поразени на едниот од двата настапа овде. Во 2012-та загубивме со 2-1, претходно се радувавме со 4-1. Меѓусебните дуели продуцираа многу голови, пресврти, атрактивен фудбал. Бенси и Турпел минатиот октомври ја тресеа нашата мрежа. Овој пат, покрај Пачовски, за посакуван резултат, нашата одбрана треба да биде гранитна. Ристовски десно, Шиков и Мојсов како стопери, Алисоки, Жута или Ашковски на лев бек. Тоа е дилемата на селеторот, веќе разрешена, се разбира необјавенја. Глигоров и Петровиќ треба да го надоместат отсуството на повредениот Адеми, Ибраими и Трајковски ќе јуришаат странично. Го нема Костовски, па Ивановски ќе биде во форот, а зад него, како поврзувач на редовите најверојатно Муарем. Ваков или сличен ќе биде редот на црвено-жолтите кога утре ќе се пее химната. Седмипат во овие квалификации во коишто победивме само еднаш, а загубивме шест натпревари. Но како и многупати досега констатираме – ова се нови 90 минути. Преносот е на Прва, тоа е факт којшто не се менува.