Државните мерки носат поголема конкурентност

06.09.2015 17:53

На стопанството му се потребни кредити со подолга рочност на отплата и со ниски камати за позасилен развој. Домашни бизнисмени оценуваат дека се подобрува деловниот амбиент. Намалените казни и евтините кредити овозможија, наместо за преживување, да се мисли на раст и на развој на компаниите...

Поволните кредити за стопанството со ниска камата, странските консултанти, субвенциите и намалени казни го подобруваат деловниот амбиент – оценуваат домашни бизнисмени. Мерките им овозможија на стопанствениците полесно да го планираат производствениот процес и да ги оптимизираат трошоците за работа, наместо за преживување се мисли на развојот и на отворањето нови работни места.

„Се случуваат низа нови мерки. Има начини за олеснување и за отворање на нови работни места. Тука е и акцијата на Владата со проектот Македонија вработува, како и субвенциите за самовработување. Некои компании многу добро го искористија тоа. Сепак, ги поттикнуваме компаниите да почнат да размислуваат развојно и да прават план системски за своите вработени, како и за нови начини за водење на бизнис кои ќе го намалат трошокот и ќе ја зголемат конкурентноста со самото тоа“, смета претседателот на Конфедерацијата на работодавачи, Миле Бошков.

Бизнисменот Ѓоргиоски е повеќе од 17 години во прехранбената индустрија. Вели - условите за стопанисување се поволни, широко се отворени вратите за оние што сакаат да се занимаваат со бизнис. Бара развојни кредити со подолга рочност на отплата.

„Многу се значајни кредитите, конкретно ако зборуваме за мојата компанија, учествувале во голем дел на развојот на нашата компанија. Поддршката од банките во овие времиња може да биде уште поголема, да се издаваат подолгорочни кредити“, смета биазнисменот Горан Ѓорѓиевски.

Пониските трошоци и евтините кредити, заедно со засилената соработка со странските инвеститори и поддршката од Фондот за иновации во претстојниот период треба да резултираат со поголема конкурентност на македонската економија.

 

Дијана Ценевска