По изборите во Грција, не се очекува промена на позиците за името

07.09.2015 11:11

За две недели во Грција ќе се одржат вонредни парламентарни избори. Анкетите покажуваат дека се топи разликата меѓу Сириза и десничарската Нова Демократија, и оти исходот од гласањето ќе биде неизвесен. Од паријата на Македонците „Виножито“ не очекуваат промена во однос на малцинските права, без разлика дали на власт ќе биде левата или десната опција. Не се очекуваат поместувања ниту во однос на прашањето за името...

Нова Демократија или Сириза, Алексис Ципрас или Евангелос Меимаракис ? Иако изборите кај јужниот сосед засега се со крајно неизвесен изход, во однос на проблемот што Атина го има со нашето уставно име, тој се чини ирелевантен.

Сложено име со географска одредница и тоа за вкупна употреба, е официјалната позиција на двете најпопуларни партии, владеачката Сириза и опозициската Неа Демократиа. Без разлика на тоа дали Ципрас ќе остане во премиерската фотелја или ќе му ја отстапи на Меимаракис, грчката влада без сомнение и натаму ќе бара целосно бришење на Република Македонија, од Уставот па до пасошите. 

Ниту оваа, ниту пак некоја од претходните грчки влади, досега има дадено каков било сигнал во насока на почитување на пресудата на меѓународниот суд во Хаг, според која што ветото за членството на Македонија во НАТО е нелегално. 

Сепак, во однос на климата меѓу двете држави, разликата меѓу оваа и претходната влада е евидентна.

Токму владата на Ципрас ќе остане запаметена како соговорник во преговорите за Мерките за градење доверба од кои што треба да произлезат договори и спогодби, кои што не се воспоставени во рамките на дваесетгодишните дипломатски односи. Претходникот на Ципрас и екс лидер на Нова Демократија, Антонис Самарас пак, го паметиме како екстремен националист и политичар кој што во телевизиско интервју предвидуваше распад на Македонија. Неговиот наследник на лидерското место во Нова Демократија, Меимаракис, се чини дека е поумерен, но сепак е со ставот дека грчкото вето ќе остане се додека не прифатиме менување на уставното име. Во 2008- ма, тој од самит во Охрид, како министер за одбрана порача дека Грција наводно ги направила потребните чекори напред, па сега чекале и Македонија да ја покаже истата подготвеност, со цел да стане полноправна членка на НАТО.

Во однос на правата на македонското малцинство во Грција нема значителна промена независно од тоа дали на власт е лева или десна опција, вели за МРТ Павле Воскопулос Филипов од партијата на Македонците во Грција „Виножито“.

Ние сакаме со тие луѓе од условно речено левицата или Сириза да имаме некој вид чекор напред и рехабилитација за протераните Македонци од граѓанската војна, затоа што дедовците и бабите на овие парламентарци во Грција денес од Сириза, биле на Вичо планина и на другите планини овде, за време на граѓанската војна, рамо до рамо, па по логика требаше веднаш по победата на Сириза, да ги рехабилитираат протераните“, изајви Павле Воскопулос Филипов – член на претседателството на Виножито“.

Сепак, во Грција постојат индививудалци во левичарските и во либералните вонпарламентарни партии кои што признаваат македонска нaција и јазик и ја поддржуват рехабилитација на протераните Македонци од граѓанската војна, вели Филипов.

 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ