Стартуваше изградбата на новата административна зграда на државното станбено претпријатие
Стартуваше изградбата на новата административна зграда на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. Секоја година се намалуваат институциите за кои државата плаќа голема кирија, вели премиерот Груевски. Објектот треба да биде готов за две години, а инвестицијата тежи 520 милиони денари...

Ќе се гради нова административно-деловна зграда за потребите на АД за стопанисување со станбен и деловен простор. 180 вработени ќе добијат подобри услови за работа. Со инвестицијата се креира простор во кој на едно место ќе бидат сместени сите служби на претпријатието, што ќе влијае врз продуктивноста и квалитетот на услугата што им се дава на граѓаните, велат надлежните.
Владата продолжува со инвестиции во насока на долгорочно сместување на институциите во свои објекти, со што ќе се намалат трошоците за кирии, рече премиерот Груевски.
„Проектите како овој се одличен чекор напред кон модернизација на државниот апарат. Во таа насока од година во година го намалуваме бројот на институции за кои се плаќа кирија, сместени во дотраени објекти од времен карактер и во кои е тешко да се обезбедат добри услови за работа. Тоа значи и постепена промена на сликата на државната администрација на која секако дека влијаат и објектите во кои е сместена“, изјави премиерот Никола Груевски.
Новата зграда ќе се протега на површина од 1.547 квадратни метри, на 6 ката и приземје со површина од 6.400 квадратни метри, ќе има 9 деловни простории.
„Со изградбата на новиот објект на вработените им се овозможува подобри услови за работа, ќе се намалат нерационалните трошења за вода, струја и топлење и на подолг временски период претставува оправдано економско вложување“, рече директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов.
Самата зграда дополнително ќе остварува и приходи, бидејќи дел од просториите ќе бидат дадени под наем.
Новата административна зграда на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор ќе биде изградена во близина на МНР. Треба да биде готова за две години , а нејзината изградба ќе чини околу 520 милиони денари.
Наташа Гркова- Петрушевска
