Земјоделците го блокираа Брисел
Со вкупно 4.000 машини ги блокираат главните сообраќајници и тунели во протест за поправедни цени за нивните производи. Првата група млекари се паркираше пред европските институции уште вчера за да го изрази револтот поради ниските цени на млекото...

Земјоделци од Белгија, Франција и Германија пристигнуваат со трактори во Брисел. Со вкупно 4.000 машини ги блокираат главните сообраќајници и тунели во протест за поправедни цени за нивните производи. Првата група млекари се паркираше пред европските институции уште вчера за да го изрази револтот поради ниските цени на млекото и укинувањето на субвенциите. Полицијата со водни топови ги спречи најупорните да ги пробијат барикадите пред средбата на Советот на министрите за земјоделство на Европската Унија.
„Не одиме во Брисел за џабе. Очекуваме да се преземат мерки за најитна помош за земјоделците“, изјави Ник Франсоа, Унија на фармерите.
Белгиските млекари беа погодени од европските прописи според кои постепено беа укинувани субвенциите, а пазарот се отвори за увоз на евтино млеко од други земји. На ова се надоврза руското ембарго на увоз на земјоделски производи од Европската Унија, како и намалената побарувачка на млеко во Кина, што доведе до создавање на големи вишоци.
„Последните податоци покажуваат дека цените не се профитабилни за повеќето производители. Министрите и Комисијата ќе разговараат за краткорочна и среднорочна програма која би им отворила нови перспективи на нашите производители“, вели Фернанд Етген, министер за земјоделство на Луксембург.
Само годинава, млекото поевтини за 25 проценти, а земјоделците тврдат дека им се заканува банкрот. Во блокираниот Брисел, властите апелираа до возачите да не излегуваат со автомобил без итна потреба, а над градот надлетуваат полициски хеликоптери.
Ивана Салтировска
