Странски консултанти за зголемена конкурентност
Мисиите на консултаните започнуваат на крајот на месецов, согласно потребите на фирмите...

Нови странски експерти ќе работат на зголемување на конкурентноста на домашните компании, на оптимизирање на нивните трошоци и на зајакнување на производствените и маркетиншките процеси. Мисиите на консултаните започнуваат на крајот на месецов, согласно потребите на фирмите.
„Сега сме во фаза на интензивна комуникација со нашите партнери од Германија, Холандија, Швајцарија, Австрија и ЕБОР, со цел утврдување на конкуретниот експерт кој би пристигнал во земјава и би помогнал во работењето на компаниите, согласно нивните потреби“, изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
На вториот јавен повик што го објави Владата се пријавиле 64 домашни компании, мали и средни претпријатија од повеќе сектори и од различни градови. Бараат помош за воведување нова технологија во производството, за подобрување на промоцијата и продажбата, во делот на менаџирањето и деловната политика, човечките ресурси.
„Динамиката на процесот ќе ја утврдуваме со самите компании и сметаме дека со овој процес ќе се подобрат перфрормансите на компании“, додаде Ѓорѓиев.
Предност имаат компаниите со голем потенцијал за раст и за зголемување на бројот на вработени, чиишто менаџерите оцениле дека за ова да го постигнат им е потребна странска експертска помош.
Анализите на ЕБОР покажуваат дека во над 70% од компаниите кои побарале бизнис совет, продажбата се зголемила за 60 отсто.
Мартин Пушевски
