Бизнис заедницата бара законски измени за наплата на побарувањата

07.09.2015 17:09

Бизнис заедницата и извршителите бараат да се интервенира во Законот за извршување за компаниите полесно да ги наплаќаат побарувњата од државните институции. Со измените, Комората предлага да се скрати дискреционото право на претседателите на судови со кои се спречува извршување на правосилни судски одлуки кон јавниот сектор...

Честото користење на дискреционото право на претседателите на судовите на членот 211 од законот за извршување предизвика реакција на бизнис заедницата и на Комората на извршителите. Носењето одлуки со кои парите на жиро-сметките на јавните претпријатија, општините и дугите  институции се прогласуваат за средства врз кои не може да се извршуваат  правосилни судски пресуди практично значи ставање во нерамноправна  положба на приватниот сектор, со што се загрозува неговата ликвидност.

„Пробелмот се стотои во тоа што паричните средства што овие субјекти ги имаат на сметките кај носителите на платен промет, во одлуките на претседателите на судовите на чие подрачје се спроведува извршното дејство, се определуваат како средства врз кои не може да се спроведе извршување“, вели Елена Милевска –Штрбевска, од Стопанска комора на Македонија.

Ваквото законско решение го има во правните системи на земјите во регионот: Словенија ,Хрватска ,Србија, но кај нив ретко се користи, но нашата практика е сосема поинаква, велат од Стопанската комора.

Бизнис заедницата понуди решение со кое се надминува нееднаквоста, а идентично размислуваат извршителите. Често, премногу екстензивно се толкува овој член, велат извршителите, и во предмети и права се ставаат и средствата, односно парите, со што се спречува извршувањето.

„Пример ќе ги земеме ’Улици и патишта’. Не смеете да им го земете багерот, со кој тие секојдневно ја извршуваат својата работа, или на ’Водовод и канализација’ не смеете да одземете камион со кој тие пренесуваат вода итн, но не и готовите пари. Практично парите не се средства без кои тие не можат да функционираат“, изјави Зоран Петрески, претседател на Комора на извршители.

Парите не се предметни права, вели Петрески и ваквата дефиниција ќе овозможи надминување на проблемите со кои се соочуваат голем број фирми кои имаат побарувања  најчесто кон јавни претпријатија или општини. Законодавецот кога дефинирал предмети и права мислел на  средства  со кои ќе се оневозможи работата на органите на јавната управа, а не и на парите на жиро-сметките, појаснува Петрески.

 

Свето Николовски