Против великанот, во одбрана на честа
Друловиќ ветува борба против фаворизираната Шпанија, само посакува или навистина верува дека може да се случи чудо, дека Македонија може да извлече поволен резултат!
На денешен ден пред една година, во Валенсија Шпанија ја победи Македонија со 5:1! За Шпанците тоа беше одличен влез во одбрана на титулата од 2012-та. За Македонија и тогашниот селектор Бошко Ѓуровски очекуван пораз од фаворитот, изразен со неочекувано голем број на примени голови.Македонската јавност, исходот го прифати како реалност и со мала доза на симпатија за македонскиот тим и начинот на кој се обиде да му се спротистави на моќниот противник.Шпанија е Шпанија, фудбалски гигант! Остана вербата дека нашата репрезентација вистинската сила ќе ја покаже против другите екипи во групата!
Една година подоцна, во пресрет на реваншот со Шпанците, се изгледа поинаку! Нов селектор, повеќемина нови играчи, наместо најавуваната битка барем за „баражот“ потиснатост на дното од групата. Прерано загубени квалификации, потиштеност од депримирачкиот пораз во Луксембург,голема веројатност дека „фенерот“ ќе биде наградата за учинокот на квалификациониот пат за Франција! Крах!
Може ли нешто да смени вечерашното соочување против Шпанија!
Селекторот Љубинко Друловиќ точно е дека наследи неред во репрезентацијата, за кој е потребно долго средување. Но, тоа не значи дека треба да биде амнестиран за срамниот и болен пораз во Луксембург. Друловиќ ветува борба против фаворизираната Шпанија, само посакува или навистина верува дека може да се случи чудо, дека Македонија може да извлече поволен резултат! Беше соочен со принудно менување на списокот на играчите. Прекомандува четворица од младинскиот погон на местото на повредениот Мојсов и пожолтените Ристевски и Абдурахими.Објективно, селекторот е во голема неволја! Ако успее млакоста од Луксембург да ја замени со поголема жестина, ако влијае врз своите избраници да истрчаат со поголема самодоверба, желба и храброст, тоа ќе биде препознаено од трибините!Без разлика на конечниот резултат!
Во Скопје, Висенте Дел Боске ја предводи Армадата, која во Овиедо ја совлада Словачка со 2:0 и се искачи на водечкото место во групата.Намерата му е да остане таму до крајот на квалификациите.Предизвикува возбуда составот,кој вечер ќе истрча во скопската Арена. Без разлика дали на голот ќе биде легендарниот Касиљас или Де Хеа, дали во средниот ред Дел Боске ќе почне со Иниеста и Фабрегас или со Коке и Иско, дали нападот ќе го води Диего Коста или за голови ќе биде задолжен Пако Алкасер!Тоа се дилемите на мудриот и искусен војсководец. Дел Боске не ја преценува Македонија, ниту пак потценува: Тој вели: Македонија не победува често, но за секого е тежок противник! Тој не може а да не го памети 12 август 2009-та, кога ја доведе Шпанија да го увеличи нашиот јубулеј, 100-те години фудбал во Македонија.Да ги заборави двата гола на Горан Пандев, првото полувреме на шпански дефицит во резултатот, но и во поседот на топката, 30-те илјади гледачи...!
Тоа се убави, тешко повторливи сеќавања. Шпанија треба да биде нов мотив, за понекоја сличност на теренот и за слика на трибините како пред 6 години!
