Болницата „Св.Еразмо“ во Охрид добива нов лик

08.09.2015 16:40

Со 215 милиони денари од државната каса, ќе се обновува надворешниот изглед и внатрешноста на охридската болница. Во комплексот ќе биде преселен и Заводот за кардиоваскуларни болести...

Охридската болницата „Свети Еразмо“ отвора ново поглавје во својата историја. По 40-ина години од изградбата ќе добие нов лик по европски стандарди. Реконструкцијата ќе почне  средината на октомври, се очекува да заврши до април 2017-тата. Со 215 милиони денари од државната каса, ќе се обновува надворешниот изглед и внатрешноста на охридската болница. Во комплексот ќе биде преселен и Заводот за кардиоваскуларни болести.

„Предвидено е да се реновираат и реорганизираат амбулантите, лабораторијата, стерилизацијата, и другите дијагностичките содржини. Ќе бидат комплетно реновирани операционите сали со интензивната нега, како и болничките оддели со оформување тоалети во секоја соба“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.

Со доградбата на централната- стара болничка зграда, дел ќе станат и адултната и интервентата кардиологија со амбуланти, дијагностика и дневна болница. Тодоров очекува по реконструкцијата, охридската болница да прерасне во мини ургентен клинички центар.

„Овој објект се наоѓа во еколошки чиста и незагадена средина, што дополнително го подигнува целокупниот квалитет во престојот во установата, така што со завршување на реконструкцијата очекуваме значително подигнување на квалитетот на здравствените услуги“, нагласи Тодоров.

Во тек е постапка за испорака на нов компјутерски томограф и дигитален ренген за потребите на оваа здравствена установа. Додека трае реконструкцијата, охридската болница нема да биде затворена.

 

Викторија Милевска