Финишираат разговорите со нови странски компании, во најава илијадници нови работни места
Уште една американска компанија од автомобилската индустрија идната година почнува со активности, најави премиерот Груевски. Следниот месец се очекува и австрискиот „Текспорт“ да почне со работа во Виница, а „Капкон“ во Скопје да стартува кон крајот на октомври...

Се финализираат договорите со странските компании, се најавуваат илјадници нови работни места. Уште една американска компанија од автомобилската индустрија идната година почнува со активности, најави премиерот Груевски. Следниот месец се очекува и австрискиот „Текспорт“ да почне со работа во Виница, а „Капкон“ во Скопје да стартува кон крајот на октомври. На пат е и мултинационална компанија од прехранбената индустрија да рестартира неколку пропаднати капацитети и да вработи неколку стотици лица. Според премиерот Груевски, инвестициите ја намалија невработеноста.
„Големиот број инвестиции во последните години, дури и во времиња на светски и европски кризи, ни помогнаа значително да ја намалиме невработеноста, иако истата и понатаму останува голем предизвик. Значајно подобрената бизнис клима во земјата ќе продолжи да се надградува. Големи компании од различни држави во светот ќе продолжат да доаѓаат и да отвораат нови работни места, но и домашните фирми ќе креираат нови работни места и поголем извоз“, изјави премиерот Никола Груевски.
Потврдата од ММФ дека Македонија е во групата на пет најмалку задолжени земји во Европа, според премиерот Груевски е знак дека одговорното однесување на овој план треба да продолжи. Чекорот кој владата неодамна го направи со намалување на казните на фирмите, и нивно нивелирање е чекор кој внесува поголема правичност во санкционирањето на престапите, вели Груевски.
„Економијата, инвестициите, новите работни места, се вториот најголем наш предизвик, заедно со членството во ЕУ и НАТО. Фактот што деновиве ММФ објави дека сме во групата на 5 најмалку задолжени земји во Европа ги потврди нашите досегашни тврдења. Одговорното однесување на овој план треба да продолжи“, нагласи премиерот Груевски.
Утре со работа стартува новата фабрика на италијанскиот „Диатек“ во скопската зона. Извозот од зоните се зголемува. Споредено со 2006- тата тој е речиси дуплиран, а една третина од тоа припаѓа на зголемувањето на извозот на домашните фирми, вели премиерот Груевски.
Пред само две недели во Штип почна со работа германски „Техникал Текстил“ кој ќе вработи над 1.000 лица. Наскоро започнува со работа и „Маккард“. Течат договорите и за нова фабрика на глобална американска компанија која планира капацитет во Струмица.
Дијана Ценевска
