Груевски: На Македонија ѝ е доста од бојкот
Македонија одбележува 24 години државност со свој идентитет, култура и јазик , години исполнети со многу предизвици, блокади, но и реформи и економски просперитет. На Свечената акдемија, премиерот Груевски порача дека имавме подеми и падови, се соочувавме со блокади и ембарга, но опстоивме како нација и држава. И натаму врвен приоритет е членството во НАТО и ЕУ. Договорот од 2-ри јуни и од 15-ти јули мора целосно да се спроведе...

24 години државност со свој идентитет,култура и јазик. Кулминација на стремежите за самостојна и независна Република Македонија беше референдумот.Премиерот Груевски осврнувајќи се на историските факти потенцира дека на ова парче земја сме опстојувале со векови. Ги посочи формирањето на ВМРО,востанијата и народноослободителната борба. Длабоко врежани во македонската историја се имињата на првиот претседател Глигоров,потпретседателот Георгиевски,првиот премиер Кљусев,министрите и пратениците од првиот парламентарен состав.Имавме подеми и падови,се соочувавме со блокади и ембарга, но опстоивме како нација и држава подвлече Груевски.И натаму врвен приоритет е членството во НАТО и ЕУ. Реформите се направени, но 7 години чекаме за влез во Алијансата,а 6 за старт на преговорите со Унијата.
„Го разбирам и го почитувам принципот на солидарност, но кога земјата на која и се дава солидарноста е во право, и се додека нема одлука на меѓународен суд. Ние бевме и сме подготвени за раговор и компромис по ова прашање, но тој компромис неможе да ги поткопа темелите на кои се создаваше и градеше оваа држава.Се надевам дека нашиот јужен сосед наскоро ќе излезе од внатрешните проблеми кои неколку години го дефокусираа од ова прашање, и ќе отвори одлучен и искрен разговор за конечно негово затворање“, истакна премиерот Груевски на Свечената академија.
Договорот од 2 јуни и од 15 јули мора целосно да се спроведе. Поздравувајќи го враќањето на опозицијата во Собранието,премиерот истакна дека сите политички субјекти мора да ја преземат одговорноста.Доста е од блокади и изговори,рече Груевски.Прв предизвик е изборот на специјалниот јавен обвинител.
„Доста и е на Макеоднија од бојкоти и од политичари кои немаат доблест да излезат пред нивната партија и пред народот и да признаат пораз. Реформите кои ги договоривме мораме да ги завршиме на време и квалитетно. Државата со нив треба да се придвижи напред и да воведе повисоки стандарди воразлични области. Договорот за избор на специјален јавен обвинител треба да се реализира онака како што е договорен. Како е договорено и потпишано, така треба да се реализира, без додавање или одземање. Тој обвинител треба да биде автономен и да има доволен број на стручни и технички соработници, истражители и целокупната потребна логистика од човечки ресурски, средства за покривање на трошоците и техничка логистика, во смисла, на канцеларии, возила, и слично. Тој не смее да биде на никаков начин попречуван во неговата работа, ниту пак под внатрешни или надворешни влијанија“, рече во својот говор, премиерот Никола Груевски.
Осврнувајќи се на повеќе проблеми и актуелни прашања Груевски рече дека напред се оди само со иновации и со образование. Повика да не се политизираат учениците и родителите,за ситни партиски поени. Ние немаме друг избор освен да одиме напред само со знаење. Сепак, истакна Груевски оставен е простор за доработка на крупните реформи во образованието, а екстерниот испит и новата матура ќе се имплементираат од идната година.
„Ве молам тргнете ги рацете од децата, и од младите. Приказната со ЕУи НАТО е прекрасна. Ама без знаење, без учење, и во таа ЕУ ќе бидеме секогаш на опашката, на дното, најслаби, во подрумот. Секогаш други ќе управуваат со нашите животи и планови. Ајде да свртиме нова страница. Да градиме силни, по знаење и креативност индивидуи, па за 20 години да видите што е силна држава. Да не ги лажи некој луѓето дека ЕУ ќе ги реши сите наши проблеми. ЕУ ни треба, таа е голема шанса, но за тие кои имаат развиен капацитет и знаење да ја искористат. За другите многу малку ќе им смени. Се зависи од нас“, нагласи премиерот Груевски.
Владините мерки за наталитет и за демографијата даваат резултати. За 8 години драстично е зголемен бројот на новороденчињата. Меѓу младите брачни парови повеќе не е табу тема трето или четврто дете,истакна Груевски. Рамковниот договор го отвори патот на разбирање и толеранција,но не треба меѓусебно да се гледаме само како бројки.
Вработување само според покажаните резултати и низ строга селекција. Дека можеме да се помагаме едни со други доказ беа поплавите кога не се гледаше кој од која етничка заедница е,туку дека на оштетените треба да им се помогне. Ние го слушаме гласот на народот,ветуваме но и реализираме потенцира Груевски на свечената академија. Посочи и на сериозноста од се поголемиот бран бегалци од блискиот исток. Засега Македонија успешно се справува, но Груевски побара и поактивен ангажман на ЕУ.
Милчо Велески
