Иванов: На балканските земји им треба европеизација
На балканските земји им треба европеизација. Идејата за обединета Европа нема алтернатива, порача од економскиот самит во Полска, шефот на македоснката држава Ѓорге Иванов. На овој угледен самит учествуваат лидери на држави и европската бизнис елита...

Политчката и безбедносната состојба во Европа, кризата со мигрантите и економските проблеми што ја тиштат Старата дама. Ова се дел од темите за кои се дискутираше на панелот на 25 економскиот форум во Круница во Полска. Првите луѓе на Полска, Македонија и Хрватска бараа решенија за проблемите со кои се сочуваат нивните земји и Европа во целина. Претседателот Иванов во своето излагање истакна дека и покрај 6 – те препораки за членство, 6 добри извештаи, Македонија се уште е пред вратите на Унијата.
„Европската идеја, покрај се што се случува во ЕУ, на Балканот е сеуште идеја со огромна трансформирачка моќ. Не постои друга идеја на Балканот, која може да ги принуди земјите на Балканот доброволно да се менуваат. Поглавје по поглавје како земја се европеизирате. Тоа ни треба на нас, на сите балкански земји- да се европеизираме, да имаме европски стандарди, европски критериуми, европски принципи“, истакна претседателот Ѓорге Иванов.
Според хрватската претседателка, Колидна Грабар- Китаровиќ, сеуште постои јаз меѓу старите и новите членки, но проширувањето носи економски раст на Европа.
„Поврзувајќи се можеме да решиме многу наши проблеми. Да размислуваме за безбедноста пред да стане проблем. Да ги решиме моменталните ефекти, но исто така и да го погледнеме и коренот на причините. Да работиме на транспорт на енергијата, на поврзувањето и на обезбедување на енергијата“, истакна претседателката на Хрватска, Грабар Китаровиќ.
Според полскиот претседател, Анджеј Дуда, Европа има потреба од обединување и партнерство, треба да се задржи меѓусебното почитување, а не егоизмот. Иванов на форумот оствари средба и со полскиот претседател.
Како да изградиме силна Европа е мотото на 25 по ред економски форум што се одржува во полскиот град Круница. Политичари, економисти, бизнисмени, невладини организации секоја година се дел од најголемиот економски форум во Централна и Источна Европа. Изминативе години овој полски град стана главно место за средба на политичките и бизнис лидерите од овој дел на Европа.
Сунчица Николовска, специјален дописник од Круница за МРТ
