Македонската амбасада во Белград свечено го одбележа Денот на независноста
По повод Денот на независноста, македонската амбасада на голем прием пред гости донираше хуманитарна помош на децата мигранти во Белград...

Амбасадата на Република Македонија во Белград по повод Денот на независноста организира свечен прием на кој присуствуваa околу 500 гости од политичкиот, економскиот и културниот живот на Србија, како и од многубројната македонска заедница. Покрај македонските специјалитети и вино, на приемот имаше и мултимедијална презентација на туристичката понуда на Македонија. Дел од македонските производи наменети за овој прием, амбасадата ги пренамени во донација за мигрантите од Блискиот исток.
„Амбасадата на Р. Македонија во Белград одлучи да ги донира овие македонски производи преку Министерството за труд и социјални прашања на Р. Србија на децата мигранти кои што се наоѓаат во бегалските прифатилиштата во Белград“, изјави Вера Јовановска-Типко, амбасадор на Р. Македонија во Белград.
Празникот со посебен пиетет го доживуваат и Македонците кои подолго време живеат и успешно работат во Србија и се културни и научни амбасадори на нашата земја.
„Јас чекам тој ден да го прославиме како новиот Ден на независност на Македонија, кога Македонија ќе биде премена во НАТО“, изјави познатиот адвокат Тома Фила.
„Ние како Белграѓани кои се по потекло од Македонија, Македонија ја носиме со себе секаде низ светот, благодарејќи на овој отворен град“, нагласи музичарот Зафир Хаџиманов.
На досега најголемиот прием организиран од амбасадата во Белград, меѓу гостите беше и претседателот на српското собрание, Маја Гојковиќ, преставници на дипломатскиот кор, од СПЦ, бизнис заедницата и други јавни личности, проследени од бројни медиуми.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
