Почна Фестивалот на античка драма „Стоби“

09.09.2015 13:03

Новата театарска зграда во Велес синоќа им ја предаде сцената на артистите- учесници на фестивалот на античката драма „Стоби“. Поради конзерваторски работи на локалитетот Стоби, амбиентот беше сменет, но тоа не ја намали важноста на овој култутен настан...

Уште од Античко време музиката е говор кој исто се чуствува без разлика на јазичните бариери меѓу луѓето. Токму затоа и 14-от Фестивал на античка драма „Стоби“ вчера вечер во Велес започна со настапот на Тони Китановски.

Новите археолошки истражувања и процесот на конзервација на театарот во античкиот локалитет Стоби се причина годинава фестивалот да се одржува во новата театарска зграда.

„Ќе понудиме богата програма со значајни новитети кои се надевам дека ќе прераснат во традиција за идните изданија на фестивалот. Седум претстави, една округла маса, еден концерт и промиција на книга ќе се случат во 15 фестивалски денови“, нагласи Зоран Љутков, директор на фестивалот.

Магијата на античкиот локалитет годинава ќе биде далечна, но затоа актерите ќе ги имаат на располагање ресурсите на новата театарска зграда.

„Велес оваа година е град на културата во Република Македонија и преку интензивен културен живот ги има местото што историски му припаѓа на градот“, рече Славчо Чадиев, градоначалник на Општина Велес.

„Претставувањето на една античка драма на театарската сцена е голем настан за секоја театарска институција, за секој актер кој добива неповторливо искуство да оживее лик создаден пред повеќе од 2 илјади години. Како што велел Аристотел, преку драмата, преку нејзиното живо дејствие, преку ликовите, ние гледачите се идентификуваме и доживуваме своевидна катарза, или како што тој вели, си ги прочистуваме чувствата“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.

За традиционалните награди ќе се натпреваруваат седум престави.

 

Дијана Иванова