Иванов: Македонија да стане членка на НАТО
Македонија – полноправна членка на НАТО во 2016 година. Претседателот Иванов, кој учествува на Форумот на млади лидери во Полска, порача дека земјава го заслужи местото на самитот, кој идната година ќе се одржи во Полска...

Интегририрање во НАТО и решавање на македонското статус- кво во однос на членството. Ова се очекувањата на земјава од престојниот самит на Алијансата во Полска во 2016-та година. Иванов за членството очекува поддршка и од полскиот колега Анджеј Дуда. Завршен е 16-тиот акциски план за членство, а нашата Армија е меѓу најдокажаните во НАТО. На средбата, остварена на маргините на економскиот форум беше истакнато дека продолжува соработката меѓу двете држави во сферата на одбраната, културата и образованието.
„Очекуваме на НАТО самитот да се напушти статус- кво состојбата што ја имаме во поглед на нашето интегрирање во НАТО, бидејќи сите наши обврски што ги имавме се исполнети, завршен е и 16-от МАП и почнуваме со 17-от МАП. Армијата на Република Македонија е најпроверувана и ги исполнува условите да биде дел од НАТО. Беше укажано и на сиот наш придонес во мировните мисии, во кои учевствуваме како земја“, истакна претседателот Ѓорѓе Иванов.
На бизнис форумот во Круница - Здруј по повод Денот на независноста беше организирана и македонска вечер. Министерот без ресор Фуркан Чако пред полските бизнисмени ги презентираше можностите и поволната клима за инвестирање во Македонија.
„Имавме прилика освен со потенцијалните инвеститори од автомобилскиот сектор да разговараме и со заинтересирани инвеститори од секторот туризам и земјоделие. Се надевам дека во идниот период ќе имаме прилика да ги пречекаме во Македонија и да им ги покажеме условите што ги нудиме“, нагласи министерот Фуркан Чако.
На бизнис форумот секоја година учествуваат над 3 илјади лидери од политиката, економијата, невладиниот сектор. Во фокусот се економијата и политиката во овој дел од континентот.
Шефот на македонската држава ќе се обрати на Форумот за млади лидери што се одржува во полскиот град Нови Саџ. Ќе учествува на сесијата „Лидери на утрешнината – Какви лидери и се потребни на Европа во 21-от век“.
Сунчица Николоска, специјален дописник од Полска за МРТ
