Осветена камбанаријата на црквата „Св. Константин и Елена“

09.09.2015 15:05

Денеска со света литургија беше осветена камбанаријата во храмот во изградба „Св. Константин и Елена“...

Дванаесет ѕвона ќе одекнуваат од црквата „Св. Константин и Елена“. Вековит повик за секојдневните, неделните и празничните богослужби, како и за богоугодни настани. Најголемото ѕвоно е 8,5 тони. Камбанаријата е излеана во Австрија. Руски проектант го изработил сетот на ѕвона. Денеска со света литургија беше осветена камбанаријата во храмот во изградба „Св. Константин и Елена“.

„Ако некаде ни требаат и големи и далекучујни камбани, ни требаат овде во Скопје. Ни требаат камбани кои громогласно и засекогаш ќе ја објавуваат нашата македонска вистина, и црковна, и државна, и национална. Оваа нова и од денес благословена камбана, по поставувањето нека биде глас и за моитва и за добри јавувања, нека биде симбол за идни благовестија и за Скопје и за цела наша земја“, истакна архиепископот охридски и македонски, Г.Г.Стефан.

Во тек е изградбата на црквата во центарот на Скопје. Црквата првпат била изградена во 1927 година на плоштадот кај Градскиот трговски центар. Во 1963 година земјотресот оштетил дел од неа, а целосно била урната во 1970 година.

Темелите беа поставени и осветени на 11 ноември 2012 година. На денот кога се празнува „Св. Константин и Елена“, во црквата во изградба Поглаварот на Македонсктата православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан одржа света божествена литургија.

 

Наташа Јанчиќ