Нов модерен трговски и бизнис центар во Ѓорче Петров

09.09.2015 15:07

Нов модерен бизнис центар, во чиј склоп ќе биде и општинската зграда се гради во Ѓорче Петров. Инвестицијата е јавно- приватно партнерство, а чини 30 милиони денари, и треба да биде завршена до април 2017-та...

Во најурбаниот дел на Ѓорче Петров ќе никне модерен трговски и бизнис центар. „Емпорио“ ќе се простира на 30 илјади квадратни метри и на овој простор ќе се изгради и новата општинска зграда. Инвеститорот ќе вложи 30 милиони евра, а градежните работи се во тек. Центарот „Емпорио“ ќе биде на 6 надземни и 2 подземни нивоа со 350 паркинг места. Првиот кат ќе биде Трговски центар, а останатиот дел ќе биде наменет за канцелариски простор.

„Деловниот центар ќе нуди услуги кои во моментот не се достапни во сличните центри. Станува збор за целосно опремување на просториите за ИТ компании“, изјави инвеститорот Сеад Кочан.

Општината ќе добие најсовремена зграда, а жителите на Ѓорче Петров модерен трговски каде што ќе ги вршат обврските и ќе го минуваат слободното време. Инвестицијата е по пат на јавно- приватно парнерство и е прва од ваков вид. Ќе донесе околу 40–ина вработувања, а со новата општинска зграда ќе се зајакне и работата на администрацијата.

„Овој простор кој е многу мал, меѓутоа многу значаен, ќе биде најпретпознатлив и најпривлечен за граѓаните, не само за општината Ѓорче Петров, туку и многу пошироко“, рече градоначалникот Сокол Митровски.

Познати се и првите закупци, еден супермаркет и една дрогерија. Покрај ова се планира да има кафулиња, фитнес и спа центар, бутици, ресторани и друго.

„Нивото на опременост на бизнис центарот и стандардите кои ќе ги има, ќе одговараат исклучително за оние компании кои најмногу бараат деловен простор во Скопје и во Македонија“, изјави Влатко Богоевски од „Фортон Македонија“.

Изградбата на „Емпорио“ трговскиот и бизнис центар треба да финишира кон средината на 2017-тата.

 

Викторија Милевска