Меркел бара квоти за бегалците без горна граница

09.09.2015 15:16

Меркел обраќајќи се во германскиот парламент рекла дека луѓето што избегале од своите земји од други причини освен војна и политички прогон, без разлика на тоа колку им е тешка личната судбина, не може да останат во Германија...

Германската канцеларка Ангела Меркел побара од ЕУ да се потпише договор за пропорционална распределба на бегалците без ограничување на нивниот број. Со ова таа отиде многу подалеку отколку планот на Европската комисија. Меркел нагласи дека азилантите од Балканот мора што побрзо да се вратат во своите земји.

Меркел обраќајќи се во германскиот парламент рекла дека луѓето што избегале од своите земји од други причини освен војна и политички прогон, без разлика на тоа колку им е тешка личната судбина, не може да останат во Германија, а тоа се однесува пред се на балканците, пренесува Танјуг.

Предупредила дека сите што доаѓаат во Германија мора да се придржуваат на нивните закони и прописи. Истакнала дека е потребно сите земји членки да потпишат обврзувачки договор за меѓусебно распределување на бегалците според праведни критериуми, пренесува АФП. „Не можеме да кажеме дека ќе распоредуваме само фиксен број бегалци. Не можеме да ја одредиме горната граница и да кажеме баш ни е гајле за оние што се над лимитот“, истакнала Меркел.

Претседателот на ЕК Жан Клод Јункер го претстави новиот план за рамномерно распоредување на вкупно 160 илјади бегалците од Блискиот Исток и од Африка низ Европа. Меркел рекла дека реализацијата на Јункеровиот план би била чекор напред, но дека проблемот е многу подлабок, а предизвикот е многу поголем од обична распределба. Со оглед на фактот дека годинава се очекуваат 800 илјади бегалци неможе да се работи како досега. Истакнала дека можеби азилантите ќе останат многу подолго во Германија и затоа интегрирањето мора да се сфати како највисок приоритет. Нагласила дека и покрај бегалската криза Германија не сака да се задолжува.