Почна снимањето на францускиот филм „А Фонд“

09.09.2015 16:31

400 каскадери, над 180 македонски статисти и над 280 возачи за сцените со метеж од автомобили, четириесетина дена ќе учествуваат во снимањето на акционата комедија која ги следи доживувањата на едно француско семејство кое тргнало на летен одмор...

Падна првата клапа од снимањето на францускиот филм „А Фонд“. 400 каскадери, над 180 македонски статисти и над 280 возачи за сцените со метеж од автомобили, четириесетина дена ќе учествуваат во снимањето на акционата комедија која ги следи доживувањата на едно француско семејство кое тргнало на летен одмор, но возилото им се расипува бидејќи е без сопирачки. Со ова остварување Македонија влегува на светската филмска мапа.

Ова е сетот за снимањето на францускиот филм „А Фонд“ кој што почнува да се снима денеска во Македонија. Ова е најскапата инвестиција од областа на филмската индустрија. Продуцентите велат, ако го завршиме овој проект успешно, ќе следат уште многу други.

Во филмот играат врвни француски актери. Во Македонија пак, прв пат е донесена најсовремена технологија. Директно снимање на отворено, а не во филмско студио. Режисерот Никола Бенаму вели- нема 3D во овој филм. Во него е се реално, во стилот на „Лудиот Макс“.

„Нашата идеја беше да се вратиме на снимање на филмови во живо, како што прават многу филмови, како што беше Лудиот Макс“, вели Никола Бенаму, режисер на филмот „А Фонд“.

Од снимањето на филмот, државата ќе инкасира околу 280.000 евра, односно според договорот, француската продукциска куќа ќе издвои околу 5 милиони денари за реконструкција на стариот пат Велес- Градско.

„За Македонија снимањето на овој филм, оваа странска инвестиција, многу ќе значи, пред се поради тоа што многу наши експерти во делот на филмот се вклучени, ќе добијат големо знање од најсовремената технологија, од ваквите големи сцени кои се снимаат на отоврено“, изјави министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска.

Филмот „А Фонд“ на обиколницата ќе се снима до 28 месецов. Потоа продолжува на автопатот Неготино-Велес. Планирано е да биде готов следната година во јули.

 

Александра Перевска