Австралија и Латинска Америка подготвени да прифатат бегалци
Претседателката на Бразил, Дилма Русеф изјави дека нејзината земја е подготвена да ги прими протераните бегалци со раширени раце и сака тие да живеат, да работат и да придонесуваат за просперитетот и мирот на Бразил...

Повеќе земји на Латинска Америка се подготвени да примат мигранти кои бегаат поради судирите на Блискиот Исток. И Австралија е подготвена да прими 12.000 бегалци. Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, социјалист познат по шокантните изјави и поддршката на сирискиот претседател Башар ел Асад, рекол дека во неговата земја може да дојдат 20 000 Сиријци. Таму веќе има голема заедница од Сиријци дојдени во минатата година и сакаат да се вратат во својата земја, пренесува Бета.
Претседателката на Бразил, Дилма Русеф изјави дека нејзината земја е подготвена да ги прими протераните бегалци со раширени раце и сака тие да живеат, да работат и да придонесуваат за просперитетот и мирот на Бразил. Од сите земји на овој континент Бразил прими најмногу сириски бегалци од почетокот на војната во 2011 досега. Тие ги поедноставиле процедурите за населување. И Чиле е подготвено да прими бегалци. Дел од бегалците пак се жалат дека Бразил нема добра стратегија за нивниот третман и велат дека не избегале од својата земја за да умрат во Бразил во сиромаштија.
И австралискиот премиер Тони Абот изјави дека Канбера е подготвена за воздушни напади со коалицијата врз Исламска држава, но и да прими 12.000 бегалци. Австралија нуди 44 милиони долари за 240 илјади луѓе во бегалските кампови во Јордан, Либан и во Турција.
Високиот комесаријат за бегалци на ОН соопшти дека од почетокот на годината, 380 илјади бегалци пребегале во Европа преку Средоземното Море. Според податоците на УНХЦР, поради војната во Сирија избегале 3,8 милиони луѓе, а 7,6 милиони се раселени.
