НБРМ: Девизните резерви на адекватно ниво според сите индикатори

09.09.2015 16:47

Девизините резерви остануваат на адекватно ниво според сите оценети индикатори – за МТВ вели вицегувернерката Кадиевска- Војновиќ...

Намалувањето на девизните резерви е проектирано од Народната банка согласно потребите за сервисирањето на надворешниот долг на државата во 2015- та. И по неговата отплата, девизините резерви остануваат на адекватно ниво според сите оценети индикатори – за МТВ вели вицегувернерката Кадиевска- Војновиќ.

„Тоа е планирано, сосема очекувано намалување на девизни резерви, заради отплата на надворешен долг и доколку ги погледнете податоците за надворешниот долг на државата тој бележи намалување заклучно со вториот квартал. Исто така доколку се видат и податоците на екстерниот долг, и тој е намален во однос на крајот од претходната година“, изјави вицегувернерката Маја Кадиевска- Војновиќ.

Во декември мината година девизните резерви изнесуваа две милијарди 536 милион евра и беа на исклучително високо ниво, генерирано од приливите од третата еврообврзница издадена во јули минатата година. Во август годинава според најновите податоци, во касата има две милијарди 177 милиони евра. За 258 милиони намалување, според Народната банка, заради сервисирање на државниот долг.

Од почетокот на годинава, одлив на средства за целосна еднократна отплата на кредитот за претпазливост, за купонот за еврообврзницата од 2014- тата, и за редовните заеми генерирани досега. Разликата од 20 милиони евра помалку споредбено со јули, вели Кадиевска- Војновиќ, се должи на негативните курсни разлики. Во август Народната банка имала нето откуп на девизи на девизниот пазар.

„Заклучно со јуни, дефицитот во тековната сметка во билансот на плаќање е само 1,3 проценти од БДП. За цела година ние оценувавме дека ќе биде околу 1,6 проценти од БДП. Доколку го споредиме ова ниво со лани, тоа е преполовено. Лани за првите шест месеци, дефицитот во тековната сметка беше 2,6 проценти од БДП. Зошто е преполовен- трговијата е подобра“, објаснува Кадиевска- Војновиќ.

Од Народна банка велат, во декември годинава достасува и еврообврзницата од 2005- тата што ќе влијае на состојбата со девизните резерви, но е веќе проектирана ситуација. Државата ја предвидела со навремено обезбедување средства преку издавање на третата еврообврзница  во јули минатата, година кога нивото на девизни резерви изнесувало милијарда 870 милиони евра и состојбата покажала дека се на оптимално ниво.

 

Сузана Фиданска- Стоевска