ЕУ подготви план за справување со бегалската криза

09.09.2015 17:10

Европската унија подготви план за справување со бегалската криза. Се воведуваат квоти за прифаќање дополнителни 120 илјади луѓе, кои за земјите – членки ќе бидат задолжителни. При распределбата на бегалците ќе се води сметки за големината на државите, нивното богатство, но и нивниот прифатен капацитет...

Дали конечно европските земји дојдоа до решение за бегалската криза? Претседателот на Европската Комисија, Јункер ги повика членките без одложување да го прифатат сеопфатниот план за распоредување на 120.000 бегалци. Во говорот пред пратениците во Европарламентот порача дека не е време да се оддолжуваат работите.

„Време  е за решавачка акција. Јасно е дека земјите во кои дојдоа најголем број бегалци, Италија, Грција и Унгарија, не можат сами да се носат со овој предизвик. Затоа комисијата уште во мај предложи вонредни механизми за релокација на 40.000 луѓе. Денеска 120.000 луѓе од Италија, Грција и Унгарија мора да бидат дислоцирани. Тоа е задолжително за сите земји. Сега ни се потребни дела, а не зборови, бидејќи зборуваме за луѓе, а не за бројки“, изјави претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер.

Според планот, Германија, Франција и Шпанија заедно треба да примат 60 насто од вкупниот број бегалци.

„На Европа и е потребен договор за задолжително распределување на бегалците, кој ќе биде обврзувачки. Но, се уште не може да се одреди долната и горната граница на бројот на бегалци“, рече канцеларката на Германија, Ангела Меркел.

Јункер најави и фонд од 1,8 милијарди евра помош за Африка, со цел да се помогне, како што рече, во неутрализирањето на проблемот од корен. Генералниот секретар на Советот на Европа, Јагланд, пак, побара од 47-те земји на Советот да ги почитуваат човековите права на бегалците. Во меѓувреме состојбата на терен и натаму е драматична.

Данската влада го затвори автопатот откако група мигранти насилно го напушти кампот во кој биле сместени. И во Унгарија има немири. 500 мигранти го пробија полицискиот кордон во близина на село Роске, а унгарската снимателка Петра Ласко доби отказ откако вчера беше објавено видеото во кое таа удира мигранти.

 

Марија Петковска