„Макдиа“ на италијански „Дијатек“ почнува со работа

09.09.2015 17:01

Италијански „Дијатек“ почна да работи во Бунарџик. 10 милионската инвестиција во фабрика за дигитално печатење ќе отвори 200 работни места и ќе го зголеми извозот од Македонија. Производите ќе се пласираат во Источна Европа, на Медитеранот, во земјите од Персискиот залив...

Групацијата „Дијатек“ се вбројува меѓу најголемите производители на дигитално печатење во светот. Има свои производствени капацитети во Германија, Франција, Португалија, Шпанија и САД. Практично целокупното проиводство од фабриката во Бунарџик ќе биде пласирано на пазарите во Источна Европа, Турција, земјите од Медитеранот и од Блискиот Исток.

„Ја одбравме Македонија за инвестирање поради добрата стратегиска позиција за производите што ќе ги произведуваме овде. Тоа ќе ни помогне да имаме уште подобри контакти со купувачите од земјите на Медитеранот, Блискиот Исток  и пошироко. Но, има и други мотиви за ваквата наша одлука, а тие се од економска природа. Она што го направи ова влада за да привлече странски инвеститори овозможува подобра економски развој и зајакнување на демократијата во земјава“, изјави сопственикот Диего Мосна.

„Тоа значи дека оваа компанија не носи тука само производствен капацитет, туку носи способности и професионални капацитети кои ќе се развиваат тука“, нагласи италијанскиот амбасадор во земјава, Масимо Белели.

Дополнителен квалитет на оваа фабрика „Макдиа“ е тоа што дел од опремата е изработена во Кочани и е вградена токму во овие три производни линии на италијанскиот инвеститор.

„Дозволете ми да ја изразам и својата блгодарност до г-ѓа Ранчанов и македонските иселеници кои помогнаа да се воспостави првичниот контакт на раководството на Дијатек со македонските институции. Без таквиот контак, оваа фабрика можеби немаше да биде тука и ќе се изградеше во некоја сосема друга држава. Овој пример е еден од многуте примери во кои македонскат дијаспора асистира во привлекувањето на странските инвеститори во Македонија“, нагласи премиерот Никола Груевски.

„Ова е седма фабрика која се отвара во зоната во Скопје, а и втора инвестиција чиј што основачки капитал потекнува од Италија. Италија и Македонија покажуваат добра економска соработка. Официјалните податоци покажуваат дека со вкупна трговска размена над 300 милиони евра за првите седум месеци од годинава, Италија е рангирана на шестото место меѓу најдобрите економски соработници на нашата земја“, нагласи вицепремиерот Владимир Пешевски.

Дел од опремата е набавен во земјава, а инвеститорот најави и дека ќе се обиде дел од репроматеријалите и суровините во иднина да ги набавува од домашниот пазар.

 

Свето Николовски