Илјадници бегалци влегуваат во Австрија- Данска ги блокира возовите од Германија
Во Унгарија се регистрирани околу 22 илјади мигранти кои сакаат да стигнат до побогатите западно- европски земји...

Речиси 4 илјади бегалци утрото од Унгарија влегле во Австрија. Синоќа околу полноќ голем број несреќни луѓе кои бегаат од војната во Сирија почнале масовно да влегуваат во Австрија и во Германија, откако овие земји ги отворија границите. Во Унгарија се регистрирани околу 22 илјади мигранти кои сакаат да стигнат до побогатите западно- европски земји.
Данска ги запрела возовите од Германија
Околу 200 бегалци синоќа останале на железничката станица во германскиот град Фленсбург, откако Данска го прекинала железничкиот сообраќај за да го запре приливот на мигрантите. Оваа мерка е во сила се додека не се реши како понатаму. Донесена е поради големиот притисок на Данска која е на граница до Шведска и Финска каде што се упатуваат бегалците по напуштањето на Германија.
Од Лезбос се депортирани повеќе од 10.000 бегалци
Илјадници бегалци и понатаму пристигнуваат на грчкиот остров Лезбос. Тамошните власти се обидуваат да го забрзаат протокот на оние кои доаѓаат во прифатните центри за побрзо да ги регистрираат и да ги пренесат до Атина од каде што патуваат кон север. Од понеделникот досега од Лезбос до Атина се депортирани 10.000 бегалци.
