Промовирана кампањата „Правилата да се уживаат, обврските да се почитуваат“
Исполнувањето на европските стандарди во областа на правдата и внатрешните работи, почитувањето на основните права и слободи се постулати врз кои се темели полициското работење, вели ресорниот министер Чавков...

„Правилата да се уживаат, обврските да се почитуваат“ – стартува кампања за подигање на свеста на граѓините за нивните права и обврски, и развојот на полициското работење во почитувањето на човековите права. МВР посветува внимание во исполнување на меѓународните стандарди кои се однесуваат на почитувањето на човековите права и слободи. Внатрешната контрола за шест месеци извршила проверка на 831 случај по пријава за пречекорување на полициските овластувања. За 104 полициски службеници е поведена постапка за одговорност, а се поднесени 7 кривични против 14 полицајци.
„Воспоставена е и мрежа на едукатори за човекови права. Од нивна страна веќе се одржани голем број на обуки на полициските службеници за човековите права, националното законодавство и полициската етика“, изјави министерот за внатрешни работи Митко Чавков.
Проектот е финансиран од Европската унија и Советот на Европа.
„Важно е да се воспостават силни стандарди за владеење на правото и ефективна демократска контрола на таквите институции, за да не може тие да се издигнат над законот“, нагласи Аиво Орав – шеф на делегацијата на Европскјата Унија.
Изготвени се флаери со едукативни содржини и за граѓаните и за полицајците.
„Целта на оваа кампања е да се информираат обичните граѓани и да ги потсетиме за нивните права, но и обврски. Подеднакво важна цел е и да се информираат и полициските службеници, и да ги потсетиме на нивните должности“, рече Тања Ракушиќ-Хаџиќ, генерален директор за човекови права и владеење на правото во Совет на Европа.
Со проектот изменет е Правилникот за вршење на работите на секторот за внатрешна контрола, била донесена и стандардна оперативна процедура за постапување по случај на насилно однесување на полицијата.
Наташа Гркова- Петрушевска
