Преку мерките за самовработување и кредитирање до нови работни места
Новите четири огласи за самовработување и за кредитирање на микро и мали фирми предвидуваат државна финансиска помош и евтини кредитни, финансиски инструменти за отворање нови бизниси, креирање нови работни места и за намалување на невработеноста...

Објавени се новите четири огласи за самовработување и за кредитирање на микро и мали фирми. Предвидуваат државна финансиска помош и евтини кредитни, финансиски инструменти за отворање нови бизниси, креирање нови работни места и за намалување на невработеноста.
За мерките за самовработување со кредитирање за дејности од помал обем, до тројца вработени, предвидени се средства до 3.000 евра. За дејности од поголем обем се одобруваат по 5.000 евра, а за секое ново отворено работно место до 3.000 евра. Рокот на враќање на парите е 3 години. За мерката самовработување со кредитирање на млади до 29 години, кредитобарателот ќе добие до 7.000 евра, а за секое новоотворено работно место дополнителни 1.000 евра.
„За првите две мерки кои се однесуваат на самовработувањето се приложува барање до Агенцијата за вработување заедно со подготвен мини-бизнис план за кој што постои веќе образец кој што е прикачен на веб-страната на Агенцијата, заедно со прирачникот како да биде пополнет тој бизнис-план“, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
По 3.000 евра за секое ново отворено работно место за лице над 29 години, и 4.000 евра за лице до 29 годишна возраст предвидува мерката кредитирање на микро и мали претпријатија. Правниот субјект треба да биде регистриран најмалку една година, а невработено лице има обврска да го задржи на работа најмалку 3 години.
„Позитивните искуства и резултатите од реализацијата на овие мерки, а кои што говорат дека досега токму преку нив се креирани и одржани како такви близу 5.000 работни места се најдобра гаранција за успешноста на проектот и мотив повеќе за сите заинтересирани субјекти да аплицираат“, нагласува Ѓорѓиев.
Новите мерки се однесуваат за бизниси во областа на земјоделството, трговијата, преработувачката индустрија, градежништвото, услужните дејности. Огласот трае до 21-ви септември.
Дијана Ценевска
