Отворен Институт за филм во Охрид
Во Охрид се отвори уште една високо образовна институција- Институт за филм- Филмска академија. Установата е формирана од Владата на Република Македонија во соработка со една од најстарите филмски школи во светот ФАМУ од Прага и ќе биде придружна членка на универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Се очекува Институтот за филм да привлече голем број млади вљубеници во филмот од целиот регион...

Од денеска со пополнување на електронска пријава започнуваат уписите на катедрите за постдипломски студии за сценаристика и драматургија, како и за креативна продукција на Институтот за филм- Филмска академија во Охрид. Тригодишните студиски програми ќе се изведуваат на англиски јазик, а наставниот кадар покрај редовните ќе го сочинуваат и визитинг професори од ФАМУ во Прага, кои се едни од најквалитетните во светот.
„Ова е за прв пат Прашката филмска академија во нејзиното 60-годишно постоење да прифати ваква соработка и нивни професори да предаваат во друга земја“, изјави Спиро Ристоски, заменик министер за образование и наука.
Прашката филмска академија е петта најстара филмска школа во светот каде се образувале влијателни светски режисери и сценаристи, добитници на Оскар и други награди на меѓународни филмски фестивали. Меѓу нив се и Милан Кундера, Милош Форман, Емир Кустурица и секако нашиот Иво Трајков.
„Сакаме да ја унапредиме оваа културна и индустриска традиција, со тоа што ќе започнеме отворање на овој центар на филмската култура и филмската индустрија, не само во Охрид, туку во целиот регион“, нагласи Томаш Петрањ, професор на ФАМУ-Прага.
На овој начин Охрид биде дел од светската филмска мапа, бидеќи тука ќе се образуваат кадри од регионот и пошироко.
„Нашиот град на голема врата влегува во светот на седмата уметност“, истакна градоначалникот Никола Бакрачески.
Според планираното наскоро ќе се отворат и докторски студии, кои ќе бидат водени од Прашката филмска академија, а ќе бидат посветени на истражувачката работа во филмската индустрија во регионот.
Сашо Нелоски
