Буџетот е во одлична кондиција, поддршката за домашните фирми останува во фокусот

10.09.2015 16:23

Буџеските приходи се повисоки од лани, добрата ликвидност овозможува навремено и редовно извршување на сите обврски - вицепремиерот и министер за финансии, Ставрески вели дека државната каса е во одлична кондиција...

Добрата буџетска ликвидност и повисоките даночни приходи за 208 милиони евра во однос на лани овозможуваат навремено и редовно извршување на сите буџетски  обврски, вели ресорниот министер и вицепремиер Зоран Ставрески.

„Буџетските приходи се повисоки за 13,6% во однос на 2014-та, а даночните се над 14% повисоки и тоа во пари изнесува 12 милијарди и 800 милиони денари повисоки приходи отколку во 2014-та. Таквата добра буџетска ликвидност овозможува навремени редовно сервисирање на сите буџетски обврски како и плаќањата кон сите домашни фирми за јавни набавки и плаќања што се вршат за градежните активности“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Во фокусот на Владата и натаму останува поддршката на домашните фирми, вели Ставрески, зашто тие се стожер на економскиот раст и на новите вработувања. Поддршката се изразува преку намалување на вкупните трошоци на компаниите, олеснетиот пристап до финансиски средства и високото ниво на капитални инвестиции што ја раздвижува домашната економија во услови на глобална рецесија.

„Македонските фирми имаат најниски трошоци во Европа изразено преку ниските даноци со ефективна даночна стапка од 7,4% со што Република Македонија има најниска даночна стапка во Европа. Само Македонија и Естонија овозможуваат  фирмите што ја реинвестираат добивката да не плаќаат воопшто данок“, нагласува Ставрески.

Поддршката е изразена и преку намалените социјални придонеси за фирмите од 33 на 26,5%, како и ослободувањето од плаќање давачки во период од 3-5 години за новите вработувања преку проектот „Македонија вработува“, вели Ставрески.

ДДВ-то е намалено за новите станови со што се поддржува градежниот сектор, но и  во туризмот како поттик на хотелиерите. Намалените царини за поголем број производи овозможуват намалување на трошоците во повеќе индустриски гранки, што според Ставрески овозможува подобрување на бизнис климата за домашните фирми.

 

Свето Николовски