30 дена притвор за насилната дадилка
Решетки за дадилката која пет месеци се изживувала врз деветмесечно бебе. Колку родителите се свесни за ризиците од ангажманот на луѓето кои се грижат за нивните деца? Агенциите тврдат – повеќе се избира на оглас отколку со лиценца...

Едномесечен притвор и одреди судот на 61 годишната дадилка која пет месеци се изживувала врз деветмесечно бебе. Додека родителите не биле дома, таа го удирала, штипела и тепала, навредувајќи го со погрдни зборови. Откако на таткото му се присторило дека дадилката го тепа неговото дете, за да ги отстрани сомнежите, инсталирал камера во домот. Видео снимката која е потврда за насилството, како доказ е продадена во полицијата.
„Истата е пријавена откако претходно случајот во полиција го пријавија родителите, бидејќи период наназад забележале дека детето покажува, анксиозност, се будело во вечерните часови со врескање и низа други симптоми кои укажувале на некакво малтретирање во текот на денот“, изјави Иво Котевски, помошник министер за односи со јавноста во МВР.
Негувателката негирала дека го малтретирала детето. Ако обвинителството го докаже спротивното и се заканува затвор до десет години.
Видео записот предизвика бура од реакции на социјалните мрежи по што се огласи адвокатот на дадилката. Тој на својот „Фејсбук“ профил напиша дека ќе побара од судот да ја изземе снимката како доказ бидејќи е стекната на незаконски начин.
Додека обвинителството го истражува случајот, се наметнува прашањето колку родителите се свесни за ризиците што го носи ангажирањето на непроверени луѓе да се грижат за нивните деца?
„Родителите сеуште не се насочени кон агенциите кои се занимаваат со оваа дејност и повеќето родители сепак се одлучуваат на приватен начин на пронаоѓање на дадилка, преку оглас или преку препораки од пријатели. Негувателките или дадилките кои чуваат деца во домашни услови задолжително треба да поседуваат лиценца за негувател, која е издадена од Министерство за труд и социјална политика“, вели Сања Аризанов, директор на бејбиситинг сервис.
Тестирањето покажува дека во земјава од 100 кандидати, само шест или седум ги задоволуваат критериумите за да работат како негувателки на деца.
Анита Димитријевска
