Уште 30 светски класици на македонски јазик
Различни временски периоди и жанрови опфаќаат 30-те последни преведени тома од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“. Со овие дела се зацврстува темелот на нашиот јазик- велат промоторите на оваа едиција...

Дела напишани пред нашата ера, преку древна Кина и индиските бардови до средниот век и современието. Различни временски периоди и жанрови опфаќаат 30-те последни преведени тома од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“. Со овие дела се зацврстува темелот на нашиот јазик- велат промоторите на оваа едиција.
„Преку овој проект добиваме една голема база која не само што ја збогатува нашата лексикографија, туку претставува своевидна печатена и дигитална база која понатаму може да послужи за многу еднојазични и двојазични речници“, изјави промоторот Ратко Дуев.
Едицијата претставува крупен чекор во афирмацијата на Македонија како културна средина која длабоко ги респектира светските книжевни вредности и дава придонес во општиот цивилизациски развој – порача министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.
„Овие книжевни дела кои досега воопшто не беа преведени на македонски јазик се исклучителна придобивка за сите генерации, особено за младите и за нивната едукација, бидејќи преку овие книжевни остварувања, тие добиваат можност да ги осознаат врвните вредности на современите класици“, изјави министерката за култура, Канческа- Милевска.
Преведена е најстарата кинеска збирка песни, Хамваш, Рилке, Шилер сѐ до современа карипска поезија. Сите дела претставуваат богатство кое треба да се прочита. Квалитетот на пишаниот збор ни овозможува ненадминлив поглед, рече премиерот Никола Груевски.
„Оваа 12-та промоција на едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ нека не потсети дека писменоста е благослов кој го овозможува човековиот напредок. Ние како Влада ќе продолжиме да ги поддржуваме овие проекти кои значат збогатување на севкупниот културолошки фонд на Република Македонија“, истакна премиерот Груевски.
До сега преведени се вкупно 472 дела од светската книжевност. Владиниот проект се очекува да биде заокружен до крајот на годинава со вкупно 560 дела преведени на македонски јазик.
Миле Ристески
