Големи поплави во Јапонија, евакуирани над 90 илјади луѓе
Најтешко е во градот Џосо, северно од Токио, кој беше погоден од голем воден бран откако реката го пробила коритото. Спасувачи со хеликоптери ги извлекуваат луѓето од покривите, може да се види како куќи пловат по улиците...

Силниот дожд што предизвика големи поплави во Јапонија не дава знаци дека ќе престане. Над 90 илјади луѓе се евакуирани, продолжуваат спасувачките операции по уште толку. Најтешко е во градот Џосо, северно од Токио, кој беше погоден од голем воден бран откако реката го пробила коритото. Спасувачи со хеликоптери ги извлекуваат луѓето од покривите, може да се види како куќи пловат по улиците.
„Моите пријатели се уште блокирани таму каде што беше мојата куќа. Замолив да ме однесат таму со брод“, вели еден локален жител.
„До одредени делови може да се дојде само со брод, водата е длабока повеќе од 2 метри. Нашите тимови ги евакуираат луѓето со моторни чамци“, изјави еден пожарникар.
Најмалку 8 луѓе се уште се водат како исчезнати, а 15 се повредени во свлечишта. Евакуацијата на најзагрозените е во тек, властите предупредуваат дека нивниот број ќе расте.
„Се очекува дека силниот дожд ќе продолжи во некои делови. Главен приоритет на владата се безбедноста и човечките животи“, изјави Шинзо Абе, премиер на Јапонија.
„Живеам во Ојама 10 години и првпат Омоигава е поплавена до ова ниво. Вистина е дека овде полињата се ниски, но првпат гледам нешто вакво“, вели локален жител.
Дождот уследи еден ден откако Јапонија беше погодена од тропската бура Етау со брзина на ветрот од 125 километри на час. Предупредувања се огласени во повеќе региони на истокот и на североистокот на Јапонија, вклучувајќи ја и префектурата Фукушима, каде што се наоѓа се уште оштетената нуклеарна централа.
Метеоролозите предупредуваат дека феноменот Ел Нињо кој собира сила во Пацификот се заканува да стане еден од најсилните во историјата. Врвот треба да го достигне меѓу октомври и јануари, а ќе биде карактеризиран со силни невремиња и поплави во едни, голем снег во други и големи суши во трети делови од светот.
Ивана Салтировска
