Најмногу дожд во Гевгелија, од утре постепен пораст на температурите

11.09.2015 10:48

Во текот на ноќта, во земјава се регистрирани врнежи од дожд, најмногу во Гевгелија, каде се измерени 54 литри воден талог на метар квадратен. Според УХМР, денеска ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди...

Денеска дожд, утре постабилно и сончево најавуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Во текот на ноќта, во земјава се регистрирани врнежи од дожд, најмногу во Гевгелија, каде се измерени 54 литри воден талог на метар квадратен.

Следат Охрид со 29 литри дожд на метар квадратен и Крушево со 25 литри на метар квадратен. Во Скопје мерната станица на Зајчев Рид измери 17 литри на метар квадратен. Најмалку дожд наврнало во Кавадарци и Претор од еден литар на метар квадратен.

Според УХМР, денеска ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, претпладне со повремени врнежи од дожд претежно со слаб интензитет. Попладне на места ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Максималната температура ќе се движи од 19 до 26 степени.

Од утре следува период на сончево време со мала до умерена локална облачност и постепен пораст на дневната температура на воздухот.