„Тајното оружје“ премиерно во Битолскиот театар
„Тајното оружје“ на Братислав Димитров во режија на Ненад Витанов е најновата премиера на Битолскиот театар, кој во својот богат опус досега ги негувал сите жанрови. Во оваа претстава тема е хаосот на обичниот човек во ситуација кога мораат да решат еден светски проблем...

Најновата премиера на битолскиот народен театар „Тајното оружје“ во режија на велешанецот Ненад Витанов е праизведба на текстот напишан од нашиот драматург Братислав Димитров. Претставата го доловува амбиентот на хаосот што се случува во светот, работите што ги гледаме кога ќе го приклучиме ТВ приемникот.
Режисерот Витанов се обидува да прикаже како тој хаос би го решиле обичните луѓе кога би се нашле во ситуација да го решат тој светски проблем, испраќајќи ја пораката дека на девијантните појави на овој глобален свет можеме да се спротиставиме само со добра идеја и мисла, а сѐ останато е верување во теорија на заговор.
„Таа ситуација на глобално ниво завршува онака како што ја гледаме на телевизија сурово и крваво, а овдека кај нас завршува со поентата дека тајното оружје е во нас и да го напавиме она што можеме да го замислиме“, вели режисерот Ненад Витанов.
Во преставата изменето е и времето, младите актери играат далеку повозрасни ликови, а они кои се на залезот на кариерата преку ликовите се враќаат наназад, по неколку децении. Преку театарската игра седум члената актерска екипа се судира со влијанието на телевизијата, човековите глупости и стереотипите што не обременуваат.
„Ние како глумци се обидуваме да портретираме едни ликови кои се секојдневие и се трансформираат по теркот на медиумот“, вели актерот Никола Тодировски.
„Не е мал бројот на луѓето што се обременети со тој јарем и не сакат да видат подалеку“, додава актерката Илина Чоревска.
„Некои луѓе се замислуваат со превисок коефициент на интелегенција, но по обичај тие се нож со две оштрици. Мојот лик го играм токму за нив“, вели актерот Никола Пројчевски.
За оваа премиера, сцената ја подготви Валентин Светозарев, костимите се дело на Благој Мицевски, а музиката е избор на естрадниот уметник Димитар Андоновски.
Стевче Митревски
