Предпристапни фондови: 79 милијарди евра на располагање од 2016-та

11.09.2015 12:54

Повеќе од 79 милијарди евра европски пари од претпристапните фондови од идната година ќе бидат на располагање на земјите од Југоисточна Европа. За новите програми, кои ќе бидат објавени во наредните месеци, ЕУ преку Европската тренинг академија ќе организира работилници на кои ќе треба да ги доближи начините за користење до заинтересираните. Програмата завршува во 2020-тата...

Повеќе од 79 милијарди евра европски пари од идната година ќе бидат на располагање на земјите од Југоисточна Европа. Малите претпријатија, но и големите ќе може да конкурираат за европските фондови и максимално да ги искористат парите, вели експертот на Европската тренинг академија, Бошко Нектаријевич. Од 2007-ма до 2014-та Македонија повлекла 120 милиони евра, повеќе од 48 проекти биле позитвно оценети. Лани во проектот Хоризонт 2020, повеќе од 70 организации зеле активно учество, а 20 добиле над милиони евра.

„Европската тренинг академија е тука да им помогне на организациите кои сакаат да конкурираат за европските фондови и максимално да ги искористат парите што ЕУ ги става на располагање. Почнавме со тренинг проектот тежок 79 милијарди евра“, вели Бошко Нектаријевич, експерт на Европската тренинг академија.

Критериумите се високи- вели експертот на Европската тренинг академија. Се бараат квалитетни проекти, кои би биле атрактивни и за Европската унија. Ограничувања нема, проекти може да понуди бизнисот, но и академската фела. Парите може да се повлечат  до 2020-тата година.

„ЕУ е заинтересирана да поддржи вакви активности за да се информираат оние кои што сакаат да аплицираат за парите. Во наредните месеци се подготвуваат 100 конкурси за нови проекти, за периодото од 2016-тата до 2020-тата година“, нагласува Нектаријевич.

За новите програми кои ќе бидат објавени во наредните месеци, ЕУ преку Европската  тренинг академија ќе организира работилници на кои ќе треба да ги доближи ЕУ фондовите до заинтересираните корисници. Нектаријевич вели дека Европската унија  има визија за Балканот како свој интегративен дел.

 

Дијана Ценевска