Континуирано се подобруваат условите во затворите
И најостриот облик на казна не го спречува криминалитетот. Со реформи во казнениот систем до подобри услови за осудените лица, но и за вработените, сметаат експертите. Според истражувањата на тимот од Факултетот за безбедност, најголем дел од вработените во затворите рекле дека имаат непосреден и секојдневен контакт со осудениците и коректен однос...

Процесот на ресоцијализацијата на осудениците зависи од затворскиот персонал. Имаме нов систем на кривични санкции, но за жал казната затвор се уште е најчесто применувана, вели професорот Љупчо Арнаудовски. Хуманоста мора да се покаже пред се преку односот на воспитувачот, стражарот или управникот кон осуденото лице.
„Приемното одделение да го откире тоа убаво, позитивното кај човекот и да влијае осуденото лице да ја прифати казната, да учествува во нејзиното извршување“, вели експертот Љупчо Арнаудовски.
Според истражувањето на тимот од Факултетот за безбедност, спроведено во 6 казнено- поправни установи во државава, најголем дел од вработените рекле дека имаат коректен однос со осудениците. Затворите се неприроден амбиент во кој сакаме да ресоцијализираме осуденици. Тоа е противречност, вели професорот Бачановиќ. Кои се причините за стресот на персоналот и дали се чувствуваат сигурни.
„И едните и другите делат чувство дека не се сигурно во оваа средина, но кога ќе речете дали има пријатна атмосфера, одговорот на испитаниците на секторот за ресоцијализција е дупло попозитивен од секторот за обезбедување“, вели Оливер Бачановиќ, декан на Факултетот за безбедност- Скопје.
Реформите во казнениот систем се приоритет. Интенција е да се создаде функционален апарат за успешна ресоцијализација на осудениците, вели првиот човек на управата за извршување санкции.
„Персоналот во казнено- поправните установи е една точка на која што ние се фокусираме во изминатиот период, а и ќе се фокусираме, имајќи во предвид активностите кои сме ги испланирале да се реализираат во рамките на националната стратегија усвоена во мај оваа година“, изјави Лидија Гавриловска, директор на Управата за извршување санкции.
Надлежните институции во континуитет прават напори за подобрување на условите во затворите, но и на вработените, заклучок од дебатата.
Милчо Велески
