Македонскиот филм „Лазар“ ќе го отвори „Браќа Манаки“

11.09.2015 16:10

Во 10-те дена, ќе се прикажат и преку 200 филмови од домашни и национални автори. Од 18-ти, ќе има проекции на наградени дела на фестивалите во Кан, Берлин и во Венеција...

Со светската премиера на македонскиот игран филм „Лазар“ ќе стартува 36-то издание на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“. Најновото остварување на Светозар Ристовски ќе раскаже приказна за актуелни случувања поврзани со мигранти.

„Филмот зборува за стостојбите во едно семејство кое брајќи ја својата егзистенција се одлучува да работи многу работи, меѓу кои и да пренесува бегалци“, вели Дејан Димески – директор на фотографија на „Лазар“.  

Во 10-те дена, ќе се прикажат и преку 200 филмови од домашни и национални автори. Од 18-ти, ќе има проекции на наградени дела на фестивалите во Кан, Берлин и во Венеција.

„Таков состав на филмови за нас е нешто што ја потврдува димензијата на квалитетот на нашиот фестивал, а во тоа ќе се увери публиката и сите гости“, изјави Благоја Куновски, уметнички директор.

Годинава „Златната камера 300“ е за рускиот актер, Алексеј Серебрјаков и за легендата на европскиот филм, Бруно Ганц.

„Главен протагонист на филмот на Митко Панов кој наскоро треба да доживее премиера, човек кој со огромно задоволство прифати да ни биде гостин“, изјави директорот на фестивалот, Димитар Николов.

„Со своето присуство фестивалот ќе го збогатат и познатите филмски работници, кинематограферите Алан Марк Коен, Арналдо Катинари, Владан Радовиќ и други еминентни имиња од светот на филмот“, додаде министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.

Специјалната награда „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ ќе ја понесе македонскиот карикатурист Дарко Марковиќ.

„Годишниот добитник е предводник на прославената школа на анимиран филм на Вардар филм, кој тој ја основал во 1975 година, школа која што е наградувана со врвни светски награди и признанија“, нагласи Роберт Насков – претседател на Друштвото на филмски работници.

36-то издание на „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 18-ти до 27-ми септемви во Битола. Се очекуваат околу 700 гости. Ќе има 75 придружни настани на 40 – тина локации низ градот.

 

Викторија Милевска