Се модернизира дистрибутивната електрична мрежа во општина Илинден

11.09.2015 16:22

Со инвестиција од половина милион евра ЕВН- Македонија почна проект за модернизација и проширување на дистрибутивната електрична мрежа во Илинден. Се гради нова нисконапонска мрежа за потребите на инвеститорите...

Девет индустриски зони и 175 домашни и странски инвеститори. Тоа е салдото од локалниот економски развој на општина Илинден. Магнет за потенцијалните вложувачи се донесените урбанистички планови, подготвената комунална инфраструктура. Обезбеден пат и приклучоци за електрична енергија, вода и одвод.

„90 проценти од економските зони се искористени, на државните локации се отуѓени повеќе од 165 градежни парцели, на кои значителен процент веќе се изградени објектите и функционираат, на дел од нив се во фаза на градба, а на одреден процент се издаваат одобренија за градење“, вели градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски.

Со инвестиција од половина милион евра ЕВН- Македонија почна проект за модернизација и проширување на дистрибутивната електрична мрежа во Илинден. Се  гради нова нисконапонска мрежа за потребите на инвеститорите и за новите населби што се градат. Енергетската инфраструктура се подготвува да одговори на потребите и  во наредните години.

„Со овие проекти овозможуваме голем број на нови инвеститори да дојдат во локалните економски зони кои општина Илинден ги отвора, и со тоа да придонесат за развој на стопанството и на локалниот економски развој во општината“, изјави Игор Гиевски, член на УО на ЕВН-Македонија.

Евн целосно реконструира и 5 дистрибутивни трафостаници. Поставени се нови бетонски столбови и нова мрежа, а во завршна фаза е изградбата на далноводот од Бунарџик до локалната индустриска зона „Марино – Кадино“. Сите зафати треба да овозможат непречен економски развој на општината Илинден, како и проширување на постојните индустриски капацитети и влез на нови инвеститори, за кои се обезбедени  слободни локации.

 

Свето Николовски